„Ѕверката“ од „Сексот и градот“ обвинет за силување - „Беше болно, му викав да престане“
- Детали
- петок, 17 декември 2021
„Беше болно и извикав ’Престани!‘ Тој не престана и тогаш му реков барем да стави кондом, а тој ми се изнасмеа. Кога заврши сфатив дека има крв на мојата блуза“ - Крис Нот, попознат за јавноста како „Ѕверката“ од „Сексот и градот“ е обвинет за силување од две жени, a тој тврди дека ова е лага.
За The Hollywood Reporter, две жени ги раскажаа нивните потресни искуства со ѕвездата од Сексот и градот, Крис Нот, тврдејќи дека актерот ги силувал.
Наводно, првиот инцидент се случил во 2004 година во Лос Анџелес, а вториот во 2015-та во Њујорк.
Двете жени го кријат својот идентитет зад имињата Зои и Лили. Зои вели дека работи во забавната индустрија и затоа ѝ е страв да го открие својот идентитет, додека Лили вели дека е новинар.
Според кажувањата на Зои, во 2004-та, кога имала 22 години, се преселила во Лос Анџелес и работела во фирма со којашто соработувале многу познати личности, вклучувајќи го и Крис Нот.
„Доаѓаше до моето биро и флертуваше со мене. Некако го добил мојот број и ми оставаше говорни пораки на телефонот на работа“.
Наводно, нејзиниот шеф дури и се шегувал дека добивала пораки од „Ѕверката“.
„Ова се случуваше кога Сексот и градот го достигна врвот, па Крис Нот беше како бог за сите нас“.
По некое време актерот ја поканил Зои во неговиот стан во Лос Анџелес, а таа отишла со нејзина пријателка.
Наводно, актерот најмногу ја прашувал за нејзините студии. Кога Зои и актерот останале сами, тој ја бакнал, но таа се почувствувала непријатно и му рекла дека ќе се врати кај пријателката.
Но, Зои тврди дека штом сакала да излезе, актерот ја фатил, ѝ ги соблекол шорцовите и почнал да ја силува.
„Беше болно и извикав ’Престани!‘ Тој не престана и тогаш му реков барем да стави кондом, а тој ми се изнасмеа. Кога заврши сфатив дека има крв на мојата блуза.
Излегов оттаму и отидов во станот на пријателката. Влегов внатре и веднаш истрчав во бањата за да ја исчистам крвта. Пријателката сакаше да знае што се случило, а јас и реков дека само сакам да си одам дома“.
За магазинот, и пријателката на Зои ја потврдила приказната, изјавувајќи дека се однесувала многу чудно кога се вратила.
Бидејќи сфатила дека нешто не е во ред, пријателката ја однела Зои во болница каде што им кажала на медицинските лица дека била нападната.
„Ми ја зашија раната. Дојдоа двајца полицајци. Не им кажав кој ме нападна“, тврди Зои изјавувајќи дека ѝ било страв да го обвини актерот.
Зои не открива на кој дел од телото била повредена, но вели дека морала да оди на психијатар за да се справи со траумите.
Другата жена, Лили, го запознала актерот во ноќен клуб во Њујорк каде што работела.
„Бев восхитена од него бидејќи беше ѕвезда. Ми се додворуваше и бев поласкана. Знаев дека е во брак и сега ми е срам за ситуацијата“.
Актерот ја поканил на вечера и иако пријателките ја советувале да не оди, таа сметала дека ќе биде во ред бидејќи Крис се однесувал многу учтиво кон неа.
Лили вели дека излегле на вечера, а потоа отишле во неговиот стан и не ни помислувала дека ќе се случи нешто.
„Си помислив дека ќе пиеме виски и ќе зборуваме за неговата кариера. Знам дека звучи глупаво.
Слушавме музика и проба да ме бакне. Јас го избегнав. Тој беше многу постар од мене.
Продолжи да се обидува одново и одново и дефинитивно требаше погласно да му кажам ’Не' и да си заминам. Но дури да сфатам што се случува, тој ги соблече панталоните“.
Наводно, актерот ја присилил на орален секс, при што ѝ рекол дека бракот е лага, а моногамијата нереална. Тогаш, во 2015-та, актерот веќе беше во брак со сопругата Тара Вилсон.
Потоа актерот почнал да ја силува, а Лили вели дека постојано плачела.
„Кога заврши истрчав до бањата и се облеков. Се чувствува ужасно. Искористено. Сите соништа за оваа ѕвезда што ја сакав исчезнаа“.
Кога девојката се вратила дома, нејзината пријателка сфатила дека нешто не е во ред и ја натерала да викнат полиција, но Лили не сакала.
Следното утро, пријателката ја слушнала говорната порака што Крис ѝ ја пратил на Лили. Наводно, пораката гласела:
„Се надевам дека не ме сфати погрешно синоќа. Се забавуваме. Само сакам да се осигурам дека не ме сфати погрешно“.
Актерот ѝ пратил уште неколку пораки и Лили одговорила на дел од нив, но го избегнувала и никогаш повторно не се сретнале.
По објавата на The Hollywood Reporter, полицијата почнала да го разгледува случајот, но наводно уште не е почната истрага. Во меѓувреме се огласи и адвокатот на актерот:
„Никој од полицијата му се нема јавено на Крис за овие случаи. Нормално, ако го побараат, ќе соработуваме целосно“.
Набрзо потоа и актерот даде изјава за обвиненијата:
„Обвиненијата против мене од личности што ги запознав пред многу години, па дури и децении, се категорично лажни.
Без разлика дали овие приказни се од пред 30 години или пред 30 дена – 'не' секогаш значи 'не' – тоа е граница што никогаш не ја поминувам.
Тешко е да не се запрашате зошто овие приказни излегуваат баш сега. Не знам зошто овие жени баш сега го кажуваат ова, но знам едно – никогаш не сум ги нападнал“.
Спирова С. | Црнобело