Меган Фокс им дозволува на синовите да носат „женска“ облека - татко им се плаши за нив
- Детали
- среда, 01 декември 2021
„Не знам како да ги заштитам. Многу нешта се променија од периодот кога ние бевме деца“ – вели бившиот сопруг и татко на трите сина на Меган Фокс, Брајан Остин Грин, во однос на одлуката на актерката нивните синови да носат „женска“ облека доколку така сакаат.
Синовите на актерката Меган Фокс (35) од нејзиниот брак со Брајан Остин Грин (48) честопати го привлекуваат вниманието на јавноста со изборот на облека.
Нејзините синови Боди (9), Џурни (7) и Касиус (5) многупати биле фотографирани во минатото, а често се појавувале коментари зошто таа синовите ги облекува во „женска облека“.
Во минатото актерката често говорела за своите одлуки како родител, па дури во една пригода рече дека сака да им дозволи на нејзините синови да бидат тоа што сакаат да бидат.
Како што рече, ваквата одлука ја донела поучена од сопственото минато затоа што во детството и неа самата ја обвинувале дека се однесува како машко.
Додека нејзините другарки си играле со кукли, таа сакала времето да го поминува надвор качувајќи се на дрвја.
„Голем дел од моето его се формира врз идејата дека не сум како останатите девојки. Јас сум некако помажествена, посилна, помалку нежна или женствена“ – вели таа.
Откако нејзиниот најстар син Ноа на 5-годишна возраст беше забележан во фустан за принцези Меган се соочи со голем број критики од јавноста.
„Доколку некое момче сака принцези и некое девојче сака бејзбол тоа не укажува на нивната сексуалност. Тоа укажува на нивното креативно изразување.
Не можеме да ги ограничиме децата така што ќе им наредиме како треба да си играат. Обидите да ги контролираме децата им праќаат суптилна, постојана порака дека нивните инстинкти се погрешни“ – вели таа како одговор на критиките.
Според неа решението е во тоа да се создаде небинарна, односно родово неутрална средина за децата и да им се дозволи самите да откријат што сакаат да бидат.
Подоцна, во интервју кај Опра, Меган повторно говореше за предизвиците со кои нејзиниот најстар син Ноа се соочува затоа што постојано сака да носи фустани и да се облекува како девојче.
Тогаш рече дека дури и во најлибералното училиште во Калифорнија нејзиниот син честопати се соочува со критики од неговите соученици од типот: „момчињата не носат фустани“ или „момчињата не носат розово“.
Како што може да се забележи од фотографиите на кои се и трите сина, Меган Фокс цврсто се држи до одлуката децата да израснат во атмосфера на родова неутралност, но нејзиниот поранешен сопруг, по разводот со неа изјави дека се соочува со проблеми и не знае како да ги заштити сопствените деца од честите критики.
„Не знам како да ги заштитам да бидам искрен. Многу нешта се променија од периодот кога ние бевме деца. Времето на социјалните медиуми, интернетот и сега сè е поинаку од периодот кога јас бев дете.
Чувствувам дека најдоброто нешто што можам да го направам како родител е да се осигурам дека моите деца се добри личности, имаат чувство за тоа што е добро, а што не и што предизвикува позитивна или негативна реакција кај другите, да ги пуштам и да се надевам дека ќе знаат како да се снајдат“ – вели тој.
Меган и Брајан се разделија во мај минатата година, а нивниот развод беше финализиран во октомври годинава. Тие имаат заедничко старателство над трите сина.
Прочитајте и Меган Фокс и Машин Ган Кели на шопинг во Солун – ретко појавување на парот со децата (фото)
Б. С. Б. | Црнобело