Kриси Тајген за твитовите со кои ги водела луѓето до самоубиствени мисли: „Бев на терапија, не сум веќе истата личност“
- Детали
- среда, 16 јуни 2021
Дел од луѓето што биле жртви на насилството на Криси Тајген излегуваат со обвинувања дека поради неа имале самоубиствени мисли, а таа излезе со долга изјава на Инстаграм во која повторно јавно се извини за нејзините грешки од минатото.
Кортни Стоден, Линдзи Лохан и Фара Абрахам објавија дека биле жртви на навредливи и насилнички твитови од манекенката во периодот од 2011-тата до 2013-тата година, а дополнително модниот дизајнер Мајкл Костело излезе со обвинувања дека поради недоразбирање Тајген јавно го „оцрнила“ и му ја уништила кариерата поради што имал самоубиствени мисли.
Криси Тајген во долга порака на Инстаграм им се извини јавно на луѓето што непромислено ги повредила во минатото и на коишто им упатила навредливи и насилнички пораки.
„Како што знаете молчев и знам дека не сакате да слушате за мене, ама сакам да знаете дека бев затворена поради заслужената глобална осуда, седев и размислував за тоа што сум го направила. Не поминуваше ниту ден, ниту еден единствен миг кога не чувствував тежина затоа што жалам за нештата што ги кажав во минатото“ – вели таа.
Како што вели, таа мошне се срами од нејзините стари твитови што неодамна беа објавени во јавност. Посочи дека јавно се извинила на една личност, но постојат повеќемина други на кои треба да им се извини.
„Вистината е дека јас не сум веќе личноста што ги напиша тие ужасни работи. Пораснав, бев на терапија, се омажив, добив деца, пак бев на терапија, искусив загуба и болка, пак бев на терапија и искусив уште од животот. И ПАК БЕВ НА ТЕРАПИЈА. Животот ме направи повеќе сочувствителна.
Сега разбирам повеќе што го мотивира троловите – инстантното прифаќање што го добиваш од коментарите, удирањето и фрлањето камења по некој што сметаш дека е неповредлив затоа што е славен. Исто така знам како е да си жртва на таквите напади. Верувајте ми, сега ја гледам иронијата“ – вели таа меѓу другото.
Иако во писмото вели дека некои од жртвите воопшто не сакале ниту да разговараат со неа, за крај таа на своите жртви им упати порака:
„Нема да барам прошка, само трпение и толеранција. Барам да ми дозволите, како што ви ветив, да се соочам со грешките од минатото и да ми дадете можност да станам подобра личност и да се променам.“
Инаку, целата приказна за неславното минато на манекенката излезе на виделина неодамна кога таа се одлучи да го напушти „Твитер“ бидејќи наводно не знаела како да се справи со целата негативност.
По ова, Кортни Стоден излезе со тврдења дека Тајген ѝ објавувала насилнички и навредливи твитови кога имала само 16 години.
„Срамота што @chrissyteigen си заминува од Твитер … тоа е „негативно“ за неа #crissyteigen#насилник.“
Таа објави серија твитови што Тајген ѝ ги праќала во 2011-тата година во кои јавно се потсмева за нејзиниот изглед, ја навредува и користи погрдни зборови, а беа објавени твитови што манекенката им ги упатила и на Линдзи Лохан и Фара Абрахам.
Освен за нејзиното однесување на социјалните мрежи, негативни коментари пристигаат и за нејзиното однесување во модната индустрија.
Модниот дизајнер Мајкл Костело кој беше дел од емисијата „Проект Писта“ на својот Инстаграм профил во понеделникот објави дека поради едно недоразбирање Криси Тајген целосно му ја загрозила кариерата во модната индустрија, поради што имал самоубиствени мисли.
Како што вели, Криси Тајген своето мислење за него го креирала врз основа на обработени фотографии објавени од поранешен вработен на дизајнерот, а кои го прикажуваат како расист.
Тој вели дека сега е докажано дека тие фотографии биле обработени и тргнати се од интернет.
Костело објави и фотографии на кои се гледа дел од преписката со Криси, каде тој се обидува да ѝ објасни дека станува збор за недоразбирање, но таа едноставно му вели: „кариерата ти е готова, само гледај!“
„Последниве 7 години живеев со длабока, неизлечена траума. Не го споделив ова со никого затоа што живеев во страв. Се плашев дека ќе загубам некои од моите најпрофитабилни релации за брендот. Се плашев дека ќе загубам пријатели и сојузници и бев во страв дека ќе бидам уште пооцрнет од некои од елитите што владеат во индустријата“ – вели тој.
Како што посочува поради таквите проблеми, што Криси му ги направила во кариерата тој почнал да ја губи смислата за живот и помислувал да си го одземе животот.
„Не сум добро. Можеби никогаш нема да бидам добро, но денес избирам да ја кажам мојата вистина“ – вели тој и бара од неговите следбеници да не говорат нешто лошо или што би ја повредило Тајген во коментарите, затоа што тој секојдневно се труди да се сака себеси и да го заборави тоа што се случило.
Погледнете ја објавата на Мајкл Костело во продолжение:
https://www.instagram.com/p/CQHebgPNmmr/?utm_source=ig_web_copy_link
Б. С. Б. | Црнобело