Таткото на Меган повторно напаѓа: „Тие немаат сочувство за мене – ќе се разочарам ако не добијам шанса да ја видам внуката“
- Детали
- понеделник, 14 јуни 2021
„Направив една грешка и не ми простија. Се надевам дека во еден миг ќе можам да ги видам внуците, затоа што јас сум одличен дедо. Ќе бидам разочаран ако не добијам можност да ја држам внуката“ – вели видно вознемирен таткото на Меган, Томас Маркл.
По раѓањето на ќерката на принцот Хари и на Меган Маркл, Лилибет Дијана Маунтбатен-Виндзор се огласи и таткото на Меган, Томас Маркл.
Во најново интервју за 60 minutes Australia тој говореше за тоа во каков однос е со кралската двојка и какви се неговите ставови за јавните обвинувања кон кралското семејство.
Како што вели, за раѓањето на внуката не добил информации од Меган и Хари, туку како и сите обични луѓе дознал од медиумите:
„Се надевам дека во еден миг ќе имам можност да ги видам внуците, затоа што јас сум одличен дедо. Ќе бидам мошне разочаран ако не добијам можност да ја држам внуката. Направив една единствена грешка и никогаш не ми простија. Иако говорат за сочувство, тие немаат сочувство за мене, за моето семејство “- вели тој.
Томас говореше и за скандалозните изјави на кралската двојка од изминатиот период. Тој напомена дека според него, интервјуто со Опра и емисијата The Me you can’t see во која Хари отворено говореше за своето ментално здравје, ќе донесат повеќе лошо отколку добро.
Сепак, тој не ги обвинува ќерката и зетот, туку вината ја наоѓа кај познатата водителка Опра Винфри, за која вели дека смета дека ги искористува. Според него Опра ја користи приказната на Хари за да ги промовира сопствените емисии и сопствената мрежа.
„Мислам дека ги користи за да ја изгради новата мрежа и новите емисии. Мислам дека искористува еден мошне ментално ослабен човек и го користи да каже работи што не би требало да бидат кажани на телевизија“ – вели Томас.
Томас кој веќе одамна не е во контакт со кралската двојка, признава дека веќе не се обидува да стапи во контакт со Меган и со Хари. Како што вели, во моментов дури го нема ниту нивниот број и чека тие да го побараат.
„Не се обидувам да стапам во контакт со Меган и Хари. Чекам тие да ми се јават. Се обидував на почетокот да стапам во контакт со нив и не успеав, затоа во овој момент не го знам нивниот број. Оставив писмо до Опра со мојот телефонски број и со мојата мејл адреса и побарав да ми дадат можност да ја раскажам мојата приказна. Инаку, им посакувам на Меган, Хари, Арчи и на мојата нова внука сè најдобро“ – вели тој.
Кога се роди Арчи, во 2019-тата година Томас јавно бараше од Хари и од Меган барем да му пратат фотографија од внукот.
Меган била мошне блиска со својот татко додека растела, иако тој и нејзината мајка Дориа Рагланд се развеле додека таа била уште многу мала.
Но, како што се знае, Меган престана да разговара со татко ѝ поради тоа што тој објави интимно писмо на актерката, а исто така договори лажна фотосесија за папараците за време на венчавката на Хари и Меган. Овој потег беше за да си го подобри имиџот во јавноста.
Дополнително, Меган во интервјуто за Опра рече дека особено ја погодила неискреноста на нејзиниот татко за ваквите настани. Како што посочи таа, тој иако разговарал со медиумите, кога ќе го прашале дали тоа е точно - тој негирал и велел дека не направил нешто такво.
Погледнете го и вториот дел од интервјуто на Томас Маркл:
Б. С. Б. | Црнобело