Ким го споделува бруталното искуство од животот со псоријаза: „Не дозволувајте да ви го уништи животот“
- Детали
- петок, 20 септември 2019
Прво псоријазата ѝ се појавила во 20-ите и успеала да се излечи, но откако ѝ се вратила во 30-ите години, ништо не можело да ѝ помогне, па сега ја контролира со природна терапија и се помирува со проблемот – Ким споделува како изгледа да се живее со псоријаза.
Во последните 13 години, псоријазата е дел од секојдневниот живот на Ким Кардашијан, а со оваа автоимуна состојба се соочуваат многу луѓе, па ријалити ѕвездата неодамна реши да ја покаже нејзината кожа во вистинско светло.
Веќе подолг период, Ким споделува фотки од нејзината кожа и зборува искрено за проблемот со псоријазата, но овојпат решила да се отвори малку подетално и со огромен текст опиша како изгледа нејзиниот живот и секојдневие, како се соочува со тоа и како го надминала проблемот.
„Поминаа 13 години откако првпат се соочив со псоријаза. Јас сум единственото дете на кое мајка ми го пренесе овој автоимун проблем... каква среќничка...
Кога имав 25 години, првпат ми се појави, кога имав обична настинка, а имав црвенила насекаде по стомакот и нозете. Познавав дерматолог кој во тој период ми ставаше инјекции кортизон и полека исчезнуваше, а по 5 години веќе целосно се спасив од проблемот, иако тогаш не знаев дека е псоријаза.“
По одреден период, почнало повторно да ѝ се појавуваат црвенила и чешање, но постојано го одложувала проблемот и наоѓала изговори дека можеби ѝ е од носење чудни материјали, вежбање и слично.
„Се чувствував мизерно, освен што ми се појавуваа црвенила и чешање, имав огромни болки во рацете, до коска – не можев да кренам телефон, ниту четка за заби. Отидов на лекар бидејќи мислев дека е артритис и бев многу загрижена и исплашена, а испитувањата покажаа дека имам псоријазен артритис.
Истражував многу и сфатив дека многу луѓе се соочуваат со истиот проблем. Уште бев исплашена, но барем имав дијагноза и бев решена дека ќе го надминам со соодветна нега.“
Откако ѝ било дијагностицирано псоријаза и псоријазен артритис, таа се обидела да го излекува со секакви можни терапии, но ништо не ѝ помогнало.
„Постојано добивав препораки од креми и терапии кои им помогнале на луѓето. Ми праќаа пакети дури од Израел со креми и слично што би можело да ми помогне. Но ништо не помогна и некои денови беа толку лоши што не можев ниту сама да се облечам.“
Потоа ја сменила исхраната и до ден денес практикува исхрана базирана на растенија, а се обидува и да го намали стресот, бидејќи смета дека живее стресен живот.
„Иако на почетокот се чувствував ужасно и се срамев, сега сум сосема во ред со тоа. Независно каде на моето тело ќе се појави, не сакам тоа да ме попречува, па го покривам со шминка. Ако имате псоријаза не дозволувајте тоа да ви го уништи животот.
Јас живеам здрав живот и јадам колку што е можно повеќе храна базирана на растенија. Со целиот стрес што го имам се обидувам да бидам посмирена и да си најдам време за себе за да го сведам на минимум. Се надевам дека ќе ви помогне мојата приказна и ќе ви влее самодоверба дека не е толку црно.“
Ниту славните личности не се исклучок од секојдневните проблеми со кои се соочуваат сите луѓе во светот, но сепак успеваат начин да се помират со тоа и да заблескаат секогаш кога е тоа потребно. Доказ дека можете да изгледате совршено и да го живеете животот нормално и со оваа состојба е Ким Кардашијан.
Прочитајте и Што е псоријаза, болеста која ја имаат многу луѓе, меѓу кои и Ким Кардашијан?
М. М. | Црнобело