Се прослави со Нетфликс серија, беше жртва на онлајн булинг: Која е корејската актерка која изврши самоубиство на 24 години?
- Детали
- среда, 19 февруари 2025
Ким Сае-рон од Јужна Кореја беше актерка на која ѝ предвидуваа блескава кариера и на само 24 години веќе стекнуваше светска слава. Но, поради онлајн булинг од јавноста, но и корејските медиуми, посегна по својот живот.
Славните личности секогаш се соочени со притисок од јавноста.
Но, притисокот што го чувствуваат ѕвездите од Јужна Кореја не се споредува со ништо друго.
Откако корејските филмови, серии и музика почнаа да стануваат „мејнстрим“, односно популарни низ целиот свет, стана јасно дека стандардите што треба да ги исполнуваат тамошните ѕвезди се нереални, па и нехумани.
Дури и најмала грешка или пропуст во однесувањето на јавна личност во Јужна Кореја, може да значи крај за нејзината кариера.
А, некогаш, корејските ѕвезди и „пукаат“ под притисокот и одлучуваат да посегнат по својот живот.
Низ годините, неколку јужнокорејски ѕвезди извршиле самоубиство, а последна во низата е актерката Ким Сае-рон.
24-годишната актерка беше пронајдена мртва во нејзиниот дом во неделата (16.02), откако подолг период била жртва на сајбер булинг.
Ким Сае-рон стекна светска слава благодарение на филмови и серии во продукција на Нетфликс.
Една од нејзините најпопуларни серии е Bloodhounds која беше меѓу најгледаните на Нетфликс во повеќе од 80 земји ширум светот.
Сите ѝ предвидуваа блескавa кариера на Ким, сè до 2022 година, кога имаше сообраќајка поради возење во алкохолизирана состојба.
Ким почнала да глуми на само 9-годишна возраст и во Јужна Кореја била доста позната уште во деството.
Оттогаш сними неколку филмови и серии, од кои повеќето во продукција на Нетфликс.
Во мај 2022-ра, додека траело снимањето на Bloodhounds, Ким возела во алкохолизирана состојба и направила сообраќајка.
Сообраќајката била мала и немало ни жртви, ни повредени.
Инцидентот резултирал со парична казна од околу 12.000 евра, но истовремено таа станала мета на сајбер булинг во Јужна Кореја.
Поради реакциите на јавноста, но и медиумите во Јужна Кореја, продуцентите ѝ ја намалиле улогата во серијата.
Ким многупати се извинуваше за инцидентот:
„На 18-ти мај имав инцидент, направив голема грешка бидејќи бев пијана. Многу ѝ се извинувам на продукцијата, вклучувајќи ги и колегите актери, што го запрев снимањето…
Уште еднаш, длабоко се извинувам. Нема изговор за овој несреќен инцидент и разочарана сум и засрамена за мојата грешка“, има напишано таа, меѓу другото.
Ким одлучи целосно да паузира од актерската кариера, но минатата година се обиде да направи камбек.
Сепак, јавноста во Јужна Кореја продолжи да ја напаѓа онлајн, а дури и медиумите ја „оцрнуваа“ секојпат кога ќе се појавеше некаде.
Некои ја критикуваа и бидејќи била фотографирана со насмевка.
Истовремено, на Јутјуб имаше и канал кој беше целосно посветен на критикување на младата актерка.
Креаторот на каналот редовно споделуваше видеа во кои ја критикува секоја постапка на Ким и ја обвинува дека не зажалила за сообраќајката.
Се верува дека каналот имал огромен удел во влошената ментална состојба на актерката.
На крај, откако посегна по својот живот, видеата од каналот беа избришани.
Трагичната смрт на Ким отвори дебата за погрдните и токсични коментари на социјалните мрежи насочени кон славните личности во Јужна Кореја.
Многумина се присетија и на самоубиството на младите пејачки Сули и Гу Хара од 2019-та, како и самоубиството на актерот Ли Сун-кјун кој глумеше во оскаровецот Parasite.
Прочитајте и: Проституција, силувања – Мрачната страна на корејските поп ѕвезди
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





