Концертот на ѕвездите од „Х-фактор“ во Скопје со хуманитарна цел
- Детали
- понеделник, 19 мај 2014
Дванаесетте финалисти на мегапопуларното музичкото шоу „Х-фактор“ на 7. јуни доаѓаат токму во Скопје на својот прв заеднички концерт кој ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“.
Пред закажаниот концерт, дел од финалистите денес имаа прилика да се сретнат со македонските медиуми на конференцијата за печат на која ги соопштија информациите за претстојниот концерт.
Даниел Кајмакоски, Тамара Милановиќ, Фифи и Урош Туркулов од групата „Доктори“ соопштија дека со нестрпливост го очекуваат концертот во Скопје и веќе се активно ангажирани во подготовките за својот настап.
На концертот финалистите ќе ги отпеат најдобрите песните од нивните настапи на финалните вечери, а дел од нив на овој концерт премиерно ќе ги претстават и своите први песни.
Покрај нив, на средбата со новинарите присуствуваше и Сандрина Анѓиќ, сопственичка на „МБК Продукција“ под чија надлежност се одржува концертот во Скопје.
„Ви благодариме за целата поддршка што досега ја добивме од Македонија. За време на одржувањето на „Х-Фактор“, најголемата поддршка ја имавме токму од Македонија, а и во овие тешки моменти Македонија најмногу помогна.
Се извинувам од името на Маид и Армин кои сакаа да бидат тука, но веќе неколку дена се наоѓаат и помагаат во кризните места настрадани од поплавите во регионот. За таа цел и „МБК“ продукција одлучи нашиот дел од средствата од овој концерт, да ги доделиме во хуманитарни цели, со што и на овој начин ќе помогнат сите кои ќе бидат дел од концертот.“ – изјави Сандрина Анѓиќ.
На големото концертно шоу кое нè очекува на 7. јуни во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, бројните фанови на регионалното издание на светски популарното музичко шоу „Икс Фактор“ конечно ќе имаат специјално задоволство да уживаат во заедничкиот настап на финалистите од регионалното издание на ова шоу: Даниел Кајмакоски, Младен Лукиќ, Маја Новаковиќ, Александра Брковиќ, Тамара Милановиќ, Алекса Перовиќ, Харис Ќато, Лукијан Ивановиќ, дуото „H2O“ сочинето од Фифи и Маринела, како и бендовите „Доктори“ и „4U“.