Актерот што го глуми Марк Слоун во Grey’s Anatomy има амиотрофична латерална склероза – болеста што го парализира Стивен Хокинг
- Детали
- петок, 11 април 2025
Ерик Дејн, актерот познат по улогата на заводникот Марк Слоун, откри дека е дијагностициран со амиотрофична латерална склероза – болест поради која се губи способноста за зборување, движење, јадење, па и дишење. Во просек, пациентите живеат околу 5 години по дијагнозата, но има случаи и каде што живеат со децении, како физичарот Стивен Хокинг.
Актерот Ерик Дејн, најпознат по улогата на Марк Слоун во серијата Grey's Anamoty, откри дека е дијагностициран со амиотрофична латерална склероза.
Болеста од која страдаше и физичарот Стивен Хокинг е ретко нарушување кое доведува до атрофија на целото тело.
52-годишниот актер, кој последно се појави во хит-серијата Euphoria, ја потврди дијагнозата со изјава за магазинот People:
„Дијагностициран сум со амиотрофична латерална склероза. Благодарен сум што моето семејство е покрај мене додека се подготвуваме за следното поглавје“.
Засега актерот е во стабилна состојба и вели дека уште може да работи.
„Се чувствувам среќен што можам да продолжам да работам и со нетрпение очекувам да се вратам на сетот на Euphoria следната недела.
Ве замолувам мене и на моето семејство да ни дадете приватност во овој период“.
Амиотрофичната латерална склероза не предизвикува атрофија на телото одеднаш – првите симптоми што обично ги забележуваат пациентите се грчење или слабост во екстремитетите.
На почетокот можат да имаат и мали проблеми со говорот.
Бидејќи болеста има влијание врз невроните и ’рбетот, со текот на времето, пациентите ја губат способноста за зборување, јадење, движење, па дури и дишење.
Уште нема лек за болеста и повеќето пациенти живеат од три до пет години по дијагнозата.
Но, има случаи каде што пациентите живеат со децении, како што е примерот со физичарот Стивен Хокинг кој почина во 2018-та, на 76-годишна возраст.
Тој ја доби дијагнозата во раните 20-ти години од животот.
Инаку, пред неколку години, актерот Ерик Дејн најави дека ќе се разведува од сопругата по седум години брак.
Сопругата, со која има две деца, поднела барање за развод во 2018-та, а како причина навела „ненадминливи разлики“ меѓу нив.
Сепак, тие не се разведоа и во 2023 почнаа да се шират гласини дека ќе му дадат уште една шанса на бракот.
Во јануари годинава, се откри дека сепак нема да се разведат, па фановите шпекулираат дека веројатно дијагнозата на Ерик има голем удел во нивната одлука.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





