Жената што ја уби пејачката Селена не доби помилување, семејството ја брани: „Не е виновна, била испровоцирана“
- Детали
- петок, 28 март 2025
Додека судот не дозволи Јоланда да биде условно ослободена по 30 години зад решетки, нејзиното семејство вели дека пејачката Селена самата е виновна за својата смрт бидејќи ја провоцирала Јоланда.
Пред 30 години, пејачката Селена беше убиена од страна на Јоланда Салдивар – нејзина блиска пријателка и соработничка.
Таа ја застрела латиноамериканската пејачка која тогаш имаше само 23 години.
Во 1995-та, Јоланда доби доживотна казна затвор, со право да бара условно ослободување годинава, односно по 30 години.
Сепак, барањето на 64-годишната Јоланда беше одбиено, а ќе може да поднесе ново барање дури во март 2030-та.
За одлуката на судот се огласи семејството на Селена:
„Денес, ние сме благодарни што судот одлучи да ѝ го одбие барањето на Јоланда Салдивар.
Иако ништо не може да ни ја врати Селена, оваа одлука потврдува дека правдата постои за убавиот живот што беше одземен од нас и од милиони фанови ширум светот.
Зад себе Селена остави наследство од љубов музика и инспирација. Живееше со радост, даваше несебично и продолжува да ги инспирира генерациите со нејзиниот глас и нејзиниот дух.
Како семејство и нејзини сакани, посветени сме да го зачуваме нејзиното сеќавање и да се осигураме дека нејзината приказна ќе ги добие достоинството и почитта што ги заслужува.
Им се заблагодаруваме на фановите на Селена за нивната поддршка низ годините. Вашата љубов ни беше извор на сила и закрепнување.
Ќе продолжиме да го славиме нејзиниот живот – не трагедијата што ни ја одзеде“.
Според официјалната изјава од надлежните, убиството што го извршила Јоланда било свирепо и таа уште претставувала закана за јавноста, па затоа барањето ѝ е одбиено.
Во меѓувреме, се огласи член на семејството на Јоланда кој вели дека таа не била виновна за убиството.
„Јоланда знае дека она што го направи е погрешно и ја презеде одговорноста за тоа.
Но, таа изреагира така поради Селена. Ни кажа дека Селена била агресивна.
Јоланда била исплашена од тоа колку насилна била Селена, сè се случило многу брзо. Ако Селена се однесувала поинаку, ова немаше да се случи“.
Јоланда и самата тврди дека не сакала да ја убие Селена и дека станувало збор за несреќа.
Наводно размислувала да изврши самоубиство бидејќи ѝ било жал за Селена.
„Бев преплашена. Не знаев дека испукал пиштолот. Не знаев дека куршумот ја погодил. Никогаш немав намера да ја повредам.
Жалам за сè. Ако можам да го вратам времето, мислам дека многу работи би биле поразлични. И, сакам луѓето да знаат дека и мене ми недостасува Селена.
Но, знам дека ќе ја видам во рајот. Таа не заслужи да умре“, изјави Јоланда во интервју за документарец од 2024 година.
Сепак, фановите на Селена воопшто не веруваат во зборовите на Јоланда и се сигурни дека убиството можеби било и планирано.
Притоа, и таткото на Селена тврди дека Јоланда неколкупати пробувала да ја убие младата пејачка, пред конечно да успее во намерата.
Прочитајте повеќе: Детали за трагичната смрт на пејачката Селена: Другарка ѝ ја уби на 23 години, сега сака да биде ослободена
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





