Тапанарот на My Chemical Romance почина на 44 години – имаше депресија, со денови не го нашол никој
- Детали
- понеделник, 02 декември 2024
Некогашниот тапанар на рок-бендот My Chemical Romance бил пронајден мртов во неговиот дом, а телото веќе било во фаза на распаѓање. Засега не е позната причината за смртта, но тапанарот со години се бореше со депресија, особено откако го напушти бендот.
Некогашниот тапанар на My Chemical Romance – Боб Брајар – бил пронајден мртов во неговиот дом во Тенеси.
My Chemical Romance е еден од бендовите што ги одбележа тинејџерските години на милениумците и беше меѓу најпопуларните во раните 2000-ти.
Бендот се растури во 2013-та, но тапанарот Боб Брајар го напушти неколку години претходно, односно во 2010-та.
Оттогаш, тапанарот кој имаше само 44 години на денот на неговата смрт, имаше сериозни проблеми со менталното здравје, вклучувајќи и депресија.
Според TMZ, кои први ја споделија новоста, неговото тело веќе било во фаза на распаѓање, но не е познато кој го пронашол, ниту која е причината за смртта.
Наводно, надлежните не сметале дека станува збор за убиство или дека имало какво било насилство, бидејќи од домот на тапанарот не било украдено ништо.
Боб последен пат бил виден жив на 4-ти ноември, а од истиот датум е и неговата последна објава на Твитер.
Боб беше тапанар на групата од 2004 до 2010 година, а по заминувањето се јавија шпекулации за наводни конфликти со другите членови.
Тој период, на официјалниот веб-сајт на бендот беше истакнато дека останатите членови се тажни за неговото заминување и дека за нив разделбата е „болна“.
Во 2015-та, Боб првпат прозборе за целата ситуација, изјавувајќи дека бил гневен и дека имал суицидни мисли откако го избркале од групата.
„Поминаа пет години откако бев избркан од My Chemical Romance, станав најдепресивната, најгневната и најсуицидната личност што постои.
Сега пијам толку многу лекови, што се чувствувам мал подобро, иако тоа (бркањето од групата), ми пречи секој ден.
Во неодамнешен разговор дознав дека никогаш нема да ме примат назад“, гласи Твитер објава на тапанарот која сега е избришана.
Откако замина од групата, Боб работеше како агент за недвижности, а беше доста активен и со организации за заштита на улични кучиња.
Во 2021 година, тој ги продаде неговите тапани со кои настапуваше со My Chemical Romance за да собере пари за ваква организација, откривајќи дека тоа е последниот инструмент што му останал од деновите со бендот.
My Chemical Romance има закажано турнеја за следната година, но не било во план и Боб да настапи со нив.
Засега членовите на бендот се немаат огласено за смртта на колегата, но нивниот портпарол ги замоли фановите да им дадат приватност додека се справуваат со трагедијата.
Спирова С. | Црнобело