Алкохолизам, деменција, финансиски проблеми: Пропаста на една од најпознатите водителки во САД
- Детали
- сабота, 30 ноември 2024
Цел живот е зависна од алкохол, а сега има легален старател бидејќи е дијагностицирана со деменција и не може да се грижи за себе – што се случи со Венди Вилијамс, една од најпознатите водителки од САД?
Венди Вилијамс важи за една од најпознатите ТВ водителки во САД, а нејзиното шоу – The Wendy Williams Show – беше едно од најгледаните во земјата.
Низ годините, 60-годишната водителка се најде среде низа скандали, а имаше и проблеми со дрога и алкохол, за на крај да биде дијагностицирана со афазија и фронтотемпорална деменција – истата болест што ја има и Брус Вилис.
Денес Венди не е во можност да се грижи за себе и ѝ беше назначен легален старател кој неодамна откри дека нејзината состојба драстично се влошува.
Неколку детали за тажниот живот на Венди Вилијамс:
Мајка ѝ ја терала да држи диети уште во детството
Венди била родена во 1964-та, во Њу Џерси, а нејзините родители биле наставници.
Водителката има изјавено дека родителите, особено мајка ѝ, ја исмејувале за нејзината тежина.
Мајка ѝ, пак, ја терала да држи диети уште во прво одделение.
„Во 1970-тите, веројатно така ја покажувале љубовта. Сега кога ќе се сетам, можеби бев полничка, но дефинтиивно не бев дебела.
Имав многу мачно детство. Родителите ме малтретираа за тежината“, изјави водителката во интервју од 2014-та.
Откако почна да се прославува во раните 1990-ти, Венди вели дека веднаш направила липосукција и си ставила импланти и конечно била задоволна од својот изглед.
Цел живот се бори со зависност од дрога и алкохол
Венди отсекогаш отворено зборувала за нејзината битка со зависностите.
Откри дека почнала да користи кокаин додека одела во колеџ, но не го гледала како проблем бидејќи „немала доволно пари за да стане зависна“.
Сепак, ова се сменило кога се вработила како водителка во радио во Њујорк.
Платата ѝ била многу поголема, па кокаинот ѝ станал секојдневие.
„Станав зависник на почетокот од кариерата, но бев функционален зависник.
Сите колеги и шефови знаеја дека користам кокаин, но ’растурав‘ на радиото“.
Подоцна, Венди откри дека почнала да користи и крек и тогаш речиси ќе го изгубила животот.
Па, кратко пред 29-тиот роденден, одлучила дека треба да престане да користи дрога.
Но, проблемите со зависност не завршиле овде. Венди ја заменила дрогата со алкохол.
Во 2019-та била однесена на рехабилитација, но откако излегла од центарот, веднаш ѝ се вратила на навиката, претерала со пиење, и на крај морала да биде однесена во болница.
Потоа, во 2022-ра година, јавноста дозна дека Венди повторно отишла на рехабилитација, но само неколку месеци подоцна беше забележана пијана во Њујорк.
Во 2023-та, Венди повторно отиде на рехабилитација, а кратко потоа ја доби и дијагнозата за афазија и фронтотемпорална деменција.
Имаше неколку спонтани абортуси
Венди отворено зборуваше и за проблемите со плодноста.
Таа и сопругот Кевин се венчаа во 1999-та и веднаш почнале да се обидуваат да добијат дете.
Но, пред да го роди син ѝ, Венди имала два спонтани абортуси.
Еднаш имала и мртвородено дете.
Венди има изјавено дека се обвинувала себеси и нејзината зависност поради спонтаните абортуси.
Но, гинекологот ја утешил откако ѝ кажал дека грлото на матката ѝ е послабо.