Експериментирал со хомосексуални врски, се борел со зависности – Помалку познати факти за Том Харди
- Детали
- недела, 10 ноември 2024
Во една пригода откри дека бил подготвен да ја продаде и мајка му за да најде опојни супстанци. Денес се гордее со фактот што ги победил пороците и е посветен татко и сопруг, кој посветено работи на улогите во филмовите – Што знаме за Том Харди?
Љубителите на филмовите инспирирани од стриповите, конечно го дочекаа и третото продолжение на серијалот Venom, насловен The Last Dance, во кој повторно главната улога му е доделена на актерот Том Харди.
Том Харди во својата кариера толкувал голем број значајни улоги во филмовите, Black Hawk Down, Star Trek: Nemesis, Inception, Stuart: A Life Backwarts, Batmen: The Dark Knight Rises, но, се чини дека вистинската слава ја достигна по премиерата на филмот Mad Max: Fury Road и секако со серијалот Venom.
Беше номиниран за Оскар за улогата во филмот The Revenant со Леонардо ди Каприо.
Денес 47-годишниот актер важи за секс-симбол на поновото време, а веќе 10 години води мирен живот со сопругата и децата. Но, зад себе има бурно минато за кое отворено зборувал во минатото.
Во продолжение повеќе интересни факти за Том Харди што можеби не сте ги знаеле:
Актерот е роден на 15-ти септември 1977-ма година во Лондон, како единствено дете на ликовната уметница Ен Барет и писателот Крис Харди.
На возраст од 21 година Том се пријавил на натпревар за модели, каде победил. Во тој период актерот бил студент по глума, кој сакал да пишува и да режира сопствени кратки филмови.
Истата година, се откажал од образованието кога добил понуда да глуми во мини сериите на Стивен Спилберг Band of Brothers (1998), a 3 години подоцна во 2001 се појави и во филмот на Ридли Скот Black Hawk Down.
Во една пригода го прашаа зошто одлучил да стане актер, а тој појасни дека идејата му дошла откако сфатил дека е одличен манипулатор кој секогаш знае да се снајде во секаква ситуација и да го добие тоа што го сака.
„Навистина не знаев што би можел друго да правам.
Мозокот ми работеше брзо и не сакав да се занимавам со работи што ми се здодевни.
Единствената работа што ме интересираше беше да се забавувам и да манипулирам.
Отсекогаш сум бил добар лажго и знаев да манипулирам. Секогаш го добивав тоа што го сакам“ – рече тој.
Но, она што никој не го знаел за актерот кој почнал да добива сè поголема популарност е дека веќе во тинејџерските години бил зависник од алкохол и опојни супстанци.
Во 2002-ра година по снимањето на филмот Star Trek: Nemesis, одлучил дека мора да оди на рехабилитација.
„Не сакав никој да знае дека бев надвор од контрола, но веќе не можев да кријам. Отидов на рехабилитација мислејќи дека ќе одам и дека кога ќе излезам пак ќе почнам да пијам и луѓето ќе ми простуваат…
Но по 28-те дена поминати таму и откако ги слушав приказните на луѓето што биле во слични ситуации, сфатив дека навистина имам проблем“ – раскажа актерот во една пригода.
Во тој период актерот веќе три години бил во брак со првата сопруга Сара Вард. Сара била филмска продуцентка, а во една пригода тој призна дека нивниот брак бил нарушен најмногу заради неговите проблеми со зависностите, но и аферата со кореанската актерка Линда Парк.
Том рече дека бил толку многу зависен што бил подготвен да ја продаде и мајка му за да си обезбеди кокаин.
По разводот со Сара, Том беше во врска со асистентката на режија Рејчел Спид со која во 2008-ма година го доби синот Луис Томас и нагласи дека токму неговото раѓање било причина да почне сериозно да бара начин да се излекува од зависностите.
„Сакав само да ги задоволувам сопствените потреби долго време и размислував само на сопствените глупости и на себеси. Кога ќе станеш родител забораваш на себичното однесување.
Се гордеам со тоа што сум татко и сакам секогаш да бидам тука за него додека се труди да го најде своето место во светот“ – рече тој.