Славни жени кои зажалија што направија пластични операции и процедури за подмладување
- Детали
- вторник, 07 јануари 2025
„Ботоксот толку лошо ми го издеформира лицето, што едвај чекав да престане неговото дејство и повторно да бидам старата јас. Убаво е кога гледам како ликот ми созрева и старее“, вели Камерон Дијаз.
Пластичните операции и козметичките третмани за подмладување се секојдневие, не само во Холивуд, туку и во светот.
Но, се чини дека природниот изглед почнува да се враќа во мода, па многу дами отворено зборуваат за грешките што ги направиле и не кријат дека жалат за пластичните операции или за процедурите за подмладување или разубавување.
Меѓу нив се и славни жени, кои велат дека да имаат можност да го вратат времето, никогаш не би ни почнувале со пластични операции или козметички процедури од овој тип.
Џесика Симпсон
Пејачката која долги години мачеше мака со килограмите, не крие дека ги зголемила усните, но дека по ова веќе не ѝ се допаѓал нејзиниот изглед во огледало.
„Ставав инјекции во усните. Но, со зголемени усни делував лажно. Не ми се допадна тоа што го гледам во огледало.
За среќа, по околу 4 месеци хијалуронот се повлече и усните ми се вратија во нормала.
Веќе не ни помислувам на таков експеримент“, кажа Џесика во едно интервју.
Тори Спелинг
Ѕвездата на Beverly Hills 90210 уште во младоста стави силикони на градите, но денес жали за таа своја одлука, најмногу од аспект на мајчинството.
„Да знаев дека силиконите ќе влијаат на производството на млеко во време кога требаше да ги дојам моите деца, никогаш немаше да ги ставам“, откри таа.
Гвинет Палтроу
Актерката вели дека како што старее, така најверојатно ќе реши да проба некоја процедура за подмладување, но дека нема да стави ботокс.
„Не мислам дека би одела ‘под нож’, страв ми е од тоа, но мислам дека би пробала сè друго.
Освен ботокс. Тоа ставив еднаш и никогаш повеќе, изгледав ужасно“, рекла Палтроу во интервју.
Хајди Монтаг
Актерката отворено зборува за своето искуство со пластичните операции, па призна дека во еден ден направила 10 козметички процедури за да се разубави.
„Не би му го препорачала тоа никому.
Не само што претерав, туку мислам дека психички ‘забегав’ затоа што мислев дека не сум доволно убава, дека стареам, дека никој нема да ме сака и дека нема да сум среќна ако не делувам младо.
Не размислував за последиците, а ги имаше многу. Никогаш повеќе нема да го направам тоа“.
Никол Кидман
Австралиската актерка никогаш не признала дека направила пластична операција, но откри дека ставала ботокс за подмладување. Сепак, вели, не била среќна од резултатите.
„За жал, пробав да се подмладам со ботокс, но веќе не ставам и конечно можам пак да го движам лицето, имам фацијални експресии“, кажа Кидман во интервју.
Кети Грифит
Познатата комичарка призна дека правела липосукција, но дека не е сигурна зошто воопшто решила да „оди под нож“.
„Не можам да сфатам зошто толку многу се грижев за мојот изглед. Па јас сум комичарка, не модел што треба да се прошета на писта во Милано.
Луѓето доаѓаа да ме видат мене, да ме слушнат мене и сигурно не доаѓаа со идеја дека пред нив ќе се појави Џенифер Анистон“, кажа Грифит.
Камерон Дијаз
Актерката неколкупати кажа дека ставала ботокс, но дека не ѝ се допаѓало како ѝ изгледа лицето, па затоа престанала да го користи и сака да старее достоинствено.
„Ботоксот толку лошо ми го издеформира лицето, што едвај чекав да престане неговото дејство и повторно да бидам старата јас. Убаво е кога гледам како ликот ми созрева и старее“, вели Дијаз.
Кармен Електра
Ѕвездата на Baywatch призна дека ставила импланти во градите откако некоја жена ја убедила дека животот ќе ѝ се подобри ако има поголеми гради. Денес, жали што го направила тоа.
„Ми требаше време да се навикнам на новите гради. Не сакав да се толку големи. Од денешен аспект, мислам дека ќе бев посреќна со моите природни гради отколку со силиконите“, кажа Електра.
А. Ј. | Црнобело