Смртни случаи во Холивуд кои со децении се обвиени со мистерија
- Детали
- недела, 17 ноември 2024
Дали Мерилин Монро случајно или намерно се предозирала со лекови или, пак, била убиена поради аферата со Џон Ф. Кенеди и брат му Роберт?
Смртта на славна личност секогаш привлекува внимание, а покрај семејствата, и фановите на овие луѓе бараат одговори.
Во повеќето случаи, причината за смртта е јасна и јавноста ја дознава кратко по трагедијата.
Но некогаш, причината за смртта на некои славни личности останува мистерија и неколку децении подоцна.
Дел од најмистериозните смртни случаи во Холивуд:
Мерилин Монро
Познатата актерка почина во 1962 година, но нејзината смрт до денес е обвиена со мистерија.
Како причина за смртта е наведено предозирање со лекови и можно самоубиство.
Сепак, во нејзиниот дом не е најдена никаква проштална порака, по што почнаа да се шират теории на заговор кои се актуелни до денес.
Некои веруваат дека Мерилин е всушност убиена, наводно поради нејзините афери со Џон Ф. Кенеди и брат му Роберт.
Некои одат дотаму што тврдат дека зад убиството стојат служби како ЦИА.
Наводно, Мерилин имала и дневник кој бил уништен од службите, а овие шпекулации дополнително ги подгоруваат теориите на заговор.
Натали Вуд
Во 1981 година, Натали Вуд се удавила додека била на крстарење со јахта со нејзиниот сопруг Роберт Вагнер.
Натали исчезнала вечерта, а била најдена мртва следното утро.
Првично, надлежните сметале дека станува збор за несреќен случај – Натали испила многу алкохол и паднала од јахтата, а бидејќи не знаела да плива, се удавила.
Сепак, на нејзиното тело биле најдени и модринки, по што се отворила можноста таа да била убиена.
Иако нејзиниот сопруг бил меѓу осомничените, немало доволно докази, па смртта до денес останува мистерија.
Прочитајте повеќе: Гатачка предвидела дека ќе се удави, сопругот е главен осомничен – Мистериозната смрт на актерката Натали Вуд
Телма Тод
Телма Тод била една од попознатите актерки од „Златната ера“ на Холивуд, а умрела на само 29-годишна возраст, во 1935-та.
Нејзиното тело било најдено во автомобил и првично се мислело дека причина за смртта е труење од јаглероден моноксид.
Но, автомобилот не бил вклучен, а на нејзиното грло имало повреди.
Надлежните се сомневале дека нејзиниот поранешен сопруг – гангстерот Лаки Лучијано – бил виновен за смртта.
Имено, неколку недели претходно, таа добила неколку заканувачки пораки во кои од неа некој барал 10.000 долари за да не ја убие.
Сепак, никогаш не биле најдени доволно докази за да се реши случајот.