Гатачка предвидела дека ќе се удави, сопругот е главен осомничен – Мистериозната смрт на актерката Натали Вуд
- Детали
- недела, 13 октомври 2024
По животот исполнет со трауми, вклучувајќи и силување, Натали Вуд трагично загинала во 1981-ва, откако паднала од јахта и се удавила. Но, случајот до денес е отворен бидејќи надлежните веруваат дека била убиена од сопругот…
Со улоги во филмови како Rebel Without a Cause и West Side Story, своевремено, Натали Вуд била една од најпознатите холивудски актерки.
Актерската кариера ја почнала уште во детството, откако ја добила главната улога во култниот празничен филм Miracle on 34th Street од 1947 година.
Но, додека жените сонувале за живот како нејзиниот, зад затворени врати, Натали веројатно била најтажната актерка во Холивуд.
Покрај бројните трауми, и нејзиниот живот завршил трагично – актерката се удавила додека била на јахта со тогашниот сопруг, на само 43-годишна возраст.
Нејзината смрт, пак, до денес е обвиена со мистерија и многумина, вклучувајќи и детективи кои работеле на случајот, се уверени дека сепак не била несреќен случај.
Неколку детали за животот на убавата актерка и нејзината трагична смрт:
Имала особено тешко детство
Натали била родена во Сан Франциско, а нејзините родители биле бегалци од Русија.
Иако ја сакале ќерка им, и двајцата имале бројни проблеми.
Живееле во сиромаштија, а татко ѝ бил алкохоличар кој кога бил пијан, честопати бил насилен.
Мајка ѝ, пак, била патолошки лажго и честопати таа го провоцирала сопругот, па донекаде била виновна за неговите испади.
Мајка ѝ ја присилила да стане актерка
Мајката на Натали, Марија, честопати одела на гатачки.
Една гатачка ѝ рекла дека нејзината ќерка ќе биде славна и за неа ќе дознае целиот свет.
По ова „пророштво“, Марија станала опседната со идејата да ја прослави Натали.
Фактот што Марија безуспешно пробувала да стане актерка бил дополнителен поттик за да ја бутка ќерка ѝ во филмската индустрија.
Ја носела на аудиции, а и одела до екстреми кога ја подготвувала за улоги.
На пример, кога Натали требала да сними сцена со плачење, мајка ѝ пред неа ѝ ги искорнала крилјата на жива пеперутка.
Всушност, за секоја емотивна сцена, мајка ѝ правела слични работи, само за да ја натера ќерка си да заплаче.
Фобија од детството можеби ја чинело живот
Мајката на Натали била преплашена од вода, а овој страв ѝ го вкоренила и на ќерка си.
Имено, мајка ѝ од гатачка слушнала дека причината за смртта на Натали ќе биде давење, па никако не ѝ дозволувала да се приближи до вода.
Иронично, Натали навистина се удавила, но тоа што не знаела да плива, ниту да си ја одржи главата над површината од водата, можеби имало удел во нејзината смрт.
Покрај тоа, Натали имала и инцидент – додека снимала сцена на која трча преку мост, мостот се срушил и таа паднала во водата.
Си ја скршила и раката, а оттогаш нејзиниот страв од вода само се засилил.
Била злоупотребена за улога
Филмот Rebel Without a Cause од 1955 година направил пресврт во кариерата на Натали и ѝ донел номинација за Оскар.
Но, Натали била злоупотребена за да ја добие улогата.
Кога имала 16 години, отишла на аудиција кај 42-годишниот режисер на филмот – Николас Реј.
Тој ја присилил на секс, ветувајќи ѝ дека ќе ѝ ја даде улогата.