Во телото на Лиам Пејн најдени 3 различни видови кокаин: „Беше трезен, но дилерите го искористија“
- Детали
- вторник, 22 октомври 2024
„Лиам беше 100 отсто трезен. Но, во хотелот некој почна да му дава дроги“ – тврдат блиски пријатели на музичарот, откако прелиминарниот токсиколошки наод покажа траги од 3 вида на кокаин во неговото тело и антидепресиви.
Во сите светски медиуми се објавени податоците од прелиминарните токсиколошки наоди направени врз Лиам Пејн, музичарот кој трагично загина минатата недела откако падна од балконот на третиот кат во хотелот каде што престојувал во Аргентина.
Веднаш по смртта беа објавени фотографии од неговата хотелска соба од кои можеше да се види дека најверојатно Лиам бил под дејство на алкохол и опојни супстанци, а голем број очевидци потврдија дека тој се однесувал агресивно.
Во прилог на ова одеше и објавениот телефонски разговор помеѓу вработен во хотелот и полицијата, кој барал помош од нив заради гостинот којшто се однесувал агресивно, како да е под дејство на алкохол и опојни супстанци.
Сега, резултатите од прелиминарните токсиколошки наоди ги потврдуваат овие искази, затоа што е познато дека во телото на пејачот биле најдени неколку вида различни опојни супстанци.
Прочитајте и Последните видеа од Лиам Пејн со обожаватели во Аргентина, пред да почине: „Се гледа дека не му е добро“
Во неговото тело биле најдени траги на чист кокаин, „крек“ (што е уште еден вид кокаин), и „розов кокаин“ (која е уште една верзија на опојната супстанца добиена со мешање на други поевтини дроги).
Розовиот кокаин е мешавина од повеќе опојни супстанци, кои истовремено дејствуваат и како стимуланти, но и како депресанти.
„Една од најголемите опасности кај таквите мешавини е тоа што однесувањето на луѓето може да стане непредвидливо и може да почнат да прават работи што вообичаено не би ги направиле“ - вели д-р. Брајан Харли, психијатар за зависности од Лос Анџелес.
Се верува дека таа предизвикува халуцинации, зголемена телесна температура и забрзано срцебиење.
Според властите во САД, забележан е зголемен број на физички и сексуални напади, но и повреди кај луѓето кои што ја консумирале оваа мешавина, која често се нарекува и „коктел на смртта“.
Освен опојните супстанци, во телото на музичарот се најдени и остатоци на антидепресиви.
Во неговата соба, меѓу другото, било најдено и импровизирано луле, за кое се верува дека музичарот го користел за консумација на опојните супстанци, кои го однесоа во прерана смрт, на возраст од само 31 година.
Инаку, Лиам отворено зборуваше за својата борба со зависностите од алкохол и опојни супстанци, како и со нарушувањата на менталното здравје, а во последните неколку месеци се трудеше да остане трезен.
Неговите пријатели за Daily Mail тврдат дека тој бил на добар пат да се избори со демоните додека живеел во Флорида со партнерката Кејт Кесиди, но пак бил вовлечен во вртлогот на зависностите благодарение на дилерите на опојни супстанци кои го пречекале веднаш штом пристигнал во хотелот во Буенос Аирес.
„Лиам беше трезен со недели. Тој беше на рехабилитација повеќепати и во Велика Британија и во Калифорнија. Неодамна почна да посетува нов психијатар во Калифорнија.
Сите се надевавме дека конечно го најде патот до закрепнување.
Отиде во Аргентина за да ја обнови визата за САД и таму мораше да помине медицински тестови заради неговото минато, но тестовите беа добри.
Лиам беше 100 отсто трезен.
Но, во хотелот некој почна да му дава дроги.
Лиам многу се трудеше да остане трезен, но овие луѓе го искористија. Тие луѓе ги интересираат само пари“ – тврди близок пријател за британскиот весник.
Инаку, познато е дека вработени во хотелот се под истрага заради сомнеж дека му доставувале опојни супстанци.
По прелиминарниот токсиколошки извештај, се очекува да биде направена и целосна обдукција на телото, а дополнително ќе се води истрага против лицата за кои се верува дека го снабдувале музичарот со дроги во деновите пред смртта.
Прочитајте и Што ѝ претходело на смртта на Лиам Пејн – Девојката го оставила сам, продуцентите му го раскинале договорот
Б. С. Б. | Црнобело