Славни личности кои се вплеткале со гангстери и речиси биле убиени
- Детали
- сабота, 07 септември 2024
Џеки Чен има изјавено дека поради криминална група во Кина која сакала да изнудува пари од него, со себе постојано носел пиштол.
Јасно е дека славните личности можат да станат мета на криминалците бидејќи имаат пари.
И тоа не само мета на ситни крадци, туку некои го привлекуваат вниманието и на криминални групи.
Неколку славни личности кои се вплеткале со гангстери и речиси платиле со својот живот за тоа:
Стивен Сигал
Познатиот актер се вплеткал со семејството Гамбино кое има голем удел во подземјето на Њујорк.
На почетокот на кариерата, Сигал соработувал со продуцентот Џулиус Насо кој, пак, бил вмешан со семејството. А, бидејќи Џулиус во голема мера му помогнал да се прослави, мафијашите почнале да изнудуваат пари од Сигал.
Од ФБИ дознале за целата ситуација додека прислушувале телефони на членови на семејството Гамбино.
И, тогаш го викнале актерот да сведочи. Првично ги одбил, но откако мu се заканиле со затворска казна, се согласил.
Како што кажал актерот, тој сакал да престане да снима акциони филмови, но од семејството му рекле дека ќе продолжи да ги снима, како и дека ќе им плаќа по 150,000 долари од заработката за секој филм што го снимил дотогаш, но и за секој филм што ќе го сними во иднина.
Не е познато што точно се случило по испрашувањето, но актерот најверојатно исплатил дел од парите, а потоа го оставиле на мир.
The Rolling Stones
Членовите на бендот The Rolling Stones речиси биле убиени од озлогласениот мотоклуб Hells Angels.
Во 1969 година, бендот имал концерт во Калифорнија, а за обезбедување ги најмиле токму членовите од мотоклубот. Наводно, им платиле 500 долари и гајба пиво.
За време на концертот, 18-годишно момче тргнало кон сцената со пиштол во раката, по што почнала тепачка со членовите на мотоклубот.
Еден од моторџиите извадил нож и го избодел момчето пред сите.
Мик Џегер и останатите членови на бендот едногласно одлучиле дека никогаш повеќе нема да соработуваат со Hells Angels.
Но, ова ги разгневило моторџиите, па направиле план да ги убијат, почнувајќи од Мик Џегер.
Се вооружиле и со брод тргнале кон куќата на Мик Џегер која излегувала на море.
Но, ги затекнала бура која им го потонала бродот и тоа е единствената причина што пејачот преживеал.
Џими Хендрикс
Во 1989 година, Џими Хендрикс бил во Сиетл и два дена никој не знаел каде е.
А, што точно му се случило, се дозна неколку децении подоцна, и тоа благодарение на дилер на кокаин, некои познаници на пејачот, како и истражување спроведено од страна на магазинот Rolling Stone.
Имено, пејачот барал од каде да купи дрога, кога влегол во ноќен клуб во Сиетл кој бил во сопственост на картел.
Луѓе од картелот го препознале и помислиле дека можат да заработат многу ако киднапираат и бараат откуп за музичка ѕвезда како Хендрикс.
Според раскажувањата, му понудиле бесплатна дрога и го убедиле да одат на поизолирано место за да му ја дадат.
И, го киднапирале, а во двата дена што го држеле заробен, го натерале да консумира толку многу дрога, што ни самиот не се сеќавал што точно се случило.
Дилерот на кокаин што го спомнавме претходно успеал да ги убеди да го пуштат без да го повредат.
Џеки Чен
Искуството на Џеки Чен со организираниот криминал наликува како сцена од негов филм.
Актерот самиот има раскажувано дека во 1980-тите и 1990-тите бил мета на кинеската криминална група позната како Тријада.
Тој период, групата била многу моќна и без проблем напаѓала и во јавност.
Според изјавите на актерот, тој им бил мета бидејќи сакале да изнудат пари од него.
„Во минатото, ми создаваа проблеми, па се скрив во САД. Еднаш и со пиштол стрелаа кон мене штом слегов од авионот. Оттогаш, секогаш носам пиштол со мене“, има изјавено актерот.
Во друга пригода, изјави дека еднаш бил опкружен со 20 членови на групата кои биле вооружени со мачети.
Наводно, тогаш актерот ги исплашил бидејќи им рекол дека има два пиштола и шест рачни бомби.
Тој нема откриено каде се случиле овие напади, а и дел од јавноста не верува дека самиот се одбранил од 20 вооружени криминалци.
Гордон Ремзи
Во 2011-та, Гордон Ремзи сними документарец за ловење ајкули – практика која иако е забранета во голем дел од светот, сепак постои.
Познатиот готвач откри дека ловот најчесто се случува во области контролирани од криминални групи.
Во документарецот, тој е во Тајван, каде што наоѓа зграда на чиј покрив се сушат перки од ајкули.
Додека стои пред зградата, маскирани мажи го полеваат со бензин и го бркаат.
Потоа, во Костарика, повторно наоѓа зграда каде што има перки од ајкули и повторно е полеан со бензин.
Иако со филмската екипа успеале да избегаат, подоцна биле затекнати од вооружени рибари кои им впериле и пиштол.
Успеале да се спасат бидејќи полицијата пристигнала во висински момент.
Спирова С. | Црнобело