Бившиот објави нивна секс снимка, била малтертирана во поправен дом – Тажни детали од животот на Парис Хилтон
- Детали
- сабота, 15 јуни 2024
Бившиот на Парис Хилтон објави нивна секс снимка и без разлика што таа беше жртва во целата ситуација, јавноста ја обвинуваше, додека бившиот помина неказнето.
Денес Парис Хилтон е во среќен брак и има две деца, а самата вели дека е презадоволна од својот живот.
Родена во едно од најбогатите и најмоќните семејства, на јавноста отсекогаш ѝ се чинело дека Парис имала сè.
Но, иако можеби не ѝ недостасувале пари, низ годините, богатата наследничка се соочила со низа трагедии.
Дел од најтажните моменти од животот на Парис Хилтон:
Нејзините родители биле многу строги
Парис има изјавено дека нејзините родители – Ричард и Кети Хилтон – биле мошне строги.
„Не смеев да излегувам, да одам на состаноци со момчиња или на училишни забави бидејќи моите родители беа многу строги.
Но, се искрадував – беше лесно да избегам од дома за да одам на некоја забава. Родителите ме казнуваа со тоа што ми ги земаа мобилниот и кредитната картичка“.
Мајка ѝ, пак, вели дека била навистина исплашена за ќерка ѝ бидејќи живееле во Њујорк.
„Многу се грижев за Парис. Имаше навика да се искрадува од дома и не можев да ја најдам.
Еден период беше надвор од контрола и бев многу исплашена за неа“.
Имала непријатно искуство со наставник од основно
Наставникот кој ѝ предавал на Парис во осмо одделение почнал да ѝ се додворува. Навечер ѝ пишувал пораки и еднаш успеал да ја убеди да се видат.
Парис излегла преку прозорецот на нејзината соба, а тој ја чекал во автомобил пред куќата. Кога Парис влегла внатре, тој ја бакнал.
Тогаш наследничката имала едвај 14 години.
„Правеше да се чувствувам важно, како да сум возрасна… Не си дозволив ни да помислам што значеше тоа или зошто излегов од прозорецот за да го видам тој педофил.
Ми требаа децении за да се осмелам да го кажам зборот ’педофил‘“.
Парис вели дека никогаш не кажала за инцидентот на соучениците, но до крајот на основно се чувствувала како сите да знаат и да ја осудуваат.
Имала проблем со АДХД
Парис Хилтон страда од дефицит на внимание и хиперактивност (АДХД), но не добила соодветна дијагноза навреме.
Додека растела, на Парис не ѝ било јасно што не е во ред со неа и зошто не можела да биде „нормална“ како другите деца.
„Не знаев како да се изразам и да кажам за предизвиците со коишто се соочував. Луѓето ме нарекуваа глупава, несмасна, неблагодарна…“
Нарушувањето, заедно со бунтувањето, имало влијание врз нејзиниот успех на училиште и таа дури двапати била избркана.
„Имав многу лоши оценки, а наставниците постојано ме казнуваа“, има изјавено Парис.
Имала трауматично искуство во поправен дом
Сакајќи да ја воспитаат и да ѝ го променат проблематичното однесување, родителите ја испратиле Парис во интернат.
Интернатот бил како поправен дом кој наводно требало да ѝ помогне на Парис да ги надмине проблемите.
Но, таму се соочила со сосема спротивното – Парис и другите деца во поправниот дом биле изложени на физичко, вербално, па дури и сексуално насилство.
„Вработените ни кажуваа ужасни работи. Беа физички насилни, нè удираа и давеа.
Сакаа да чувствуваме страв, да бидеме толку исплашени што ќе им се потчиниме“.
Парис истакнува дека нејзините родители не биле свесни за ова и не ги обвинува бидејќи ѝ е јасно дека само сакале да ја заштитат.