Шер бара легално старателство врз 47-годишниот син - Се плаши дека целото богатство ќе го потроши на дроги
- Детали
- четврток, 28 декември 2023
Се развела од татко му заради зависностите, со години не му дозволувала да го гледа за да го заштити, но синот на Шер, Елајџа Блу, на 47 години води вистинска битка со менталното здравје и зависноста од дроги – Зошто Шер поднесе документи за легално старателство над синот?
Светски познатата пејачка Шер (77) поднесе документи за да добие легално старателство врз нејзиниот 47-годишен син Елајџа Блу Алман, откако претходно во дел од медиумите се појавија гласини дека таа претходно најмила четворица мажи за да го киднапираат од неговата хотелска соба.
Шер има два сина, Чаз Боно, кого го доби од бракот со Сони Боно, и Елајџа Алман, кого го доби од вториот брак со Грег Алман.
Додека Чаз беше популарен во 2011-та година кога во документарен филм ја објави својата транзиција во трансродов маж, помалиот син Елајџа со години привлекува внимание заради големиот број скандали предизвикани заради употребата на наркотици.
Шер се разведе од таткото на Елајџа, Грег, заради неговата зависност од опојни супстанци, но очигледно е дека и синот тргнал по стапките на неговиот татко, иако пејачката се трудела колку може повеќе да ги држи децата настрана од неговото влијание.
Елајџа во една пригода призна дека додека растел воопшто немал никаков контакт со неговиот татко, а тие двајца почнале поинтензивно да се гледаат во периодот пред смртта на Грег Алман во 2017-та година.
По завршувањето на средното образование, Елајџа сакал да изгради музичка кариера и настапувал со сценското име П. Екстер Блу и формирал свој рок бенд.
Во 2013-та година тој се ожени за пејачката Мерианџела Енџи Кинг, а на свадбата не ја покани мајка му. Според гласините, Шер не ја прифаќала снаата и не го одобрувала нивниот брак.
Елајџа во тој период коментираше дека има влошени односи со мајка му и дека таа била толку гневна на неговиот избор на партнерка, што дури престанала и да ги кани за празниците во нејзиниот дом.
Но, бракот траеше сѐ до 2021-ва година, кога парот се раздели.
На крајот на 2022-ра година, речиси во сите светски медиуми беше објавена изјавата на Мерианџела, дека додека 11 дена биле затворени во хотелска соба со Елајџа и се обидувале да го спасат бракот, Шер испратила четворица мажи за да го киднапираат синот.
Шер ги негираше овие гласини, а сега една година подоцна побарала легално старателство врз нејзиниот син. Во документите до судот, Шер бара да биде легален старател на Елајџа и тврди дека тој е „неспособен сам да се грижи за своите финансии“.
Наводно, Елајџа има проблеми со менталното здравје и не може да се справи со зависноста од дроги, а неговата поранешна сопруга не е способна да му биде старател заради „нивната бурна врска која е одбележана со зависности од дроги и кризи со менталното здравје“.
„Елајџа добива редовни исплати од неговиот штеден фонт, но заради проблемите со неговото ментално здравје и употребата на наркотици, Шер е загрижена дека сите пари што ќе му бидат исплатени на синот, веднаш ќе бидат потрошени на дроги и заради што неговиот живот може да биде доведен во ризик“ – се вели во документите, според магазинот People.
Судскиот процес ќе започне во јануари 2024 -та година, а се очекува конечната одлука да биде донесена во март.
Прочитајте и Пејачката Шер најмила луѓе да го киднапираат син ѝ – бил зависен од хероин, не сакал да оди на рехабилитација
Б. С. Б. | Црнобело