Ѕвездата на хит-серијата „Euphoria“, Ангус Клауд (25) пронајден мртов: „Пред една недела го погреба татко му, не можеше да се справи со загубата“
- Детали
- вторник, 01 август 2023
„Минатата недела го погреба татко му и тешко се справуваше со загубата. Единствено сме спокојни затоа што знаеме дека тој сега повторно е со неговиот татко, кој му беше најдобар пријател“ – соопшти семејството на младиот актер Ангус Клауд кој почина на 25 години. Неговиот пат до славата воопшто не бил лесен.
Ѕвездата на хит-серијата Euphoria, Ангус Клауд, почина на 25-годишна возраст. Информациите за јавноста ги соопшти неговото семејство, кои појаснија дека тој бил најден мртов во понеделникот (31.07) во семејниот дом во Калифорнија.
„Со тешко срце мораме да се простиме со еден неверојатен човек. Како уметник, како пријател, брат и син, Ангус беше посебен за нас.
Минатата недела го погреба татко му и тешко се справуваше со загубата. Единствено сме спокојни затоа што знаеме дека тој сега повторно е со неговиот татко, кој му беше најдобар пријател.
Ангус отворено зборуваше за неговата борба со менталното здравје и се надеваме дека неговата смрт ќе биде потсетник за другите дека не се сами и дека не треба да се борат со себеси и да молчат.
Се надеваме дека светот ќе го помни заради неговиот хумор, смеа и љубовта за сите. Ве молиме да ја почитувате нашата приватност додека се справуваме со оваа тешка загуба“ – стои во соопштението од семејството.
Според американските таблоиди, полицијата добила повик од мајката на Ангус која пријавила дека нејзиниот син најверојатно се предозирал и немал пулс.
Медицинските лица констатирале смрт на лице место, но сега засега не се соопштува официјалната причина за смртта.
Ангус ќе остане запомнет по улогата на дилерот Феско во серијата Euphoria, а неговиот пат до успехот воопшто не бил лесен.