Скандалите на ѕвездата од Jackass, Бам Маргера: Се заканувал дека ќе го убие брат му, ја тепал девојка му
- Детали
- среда, 26 април 2023
Бам Маргера се прослави со ријалити шоуто Jackass, но периодов привлекува внимание со скандалозното однесување. Моментално тој е во бегство, откако го удрил брат му по главата и му се заканувал дека ќе го убие. Кои се другите скандали на проблематичната ријалити ѕвезда?
Jackass е американско ријалити шоу кое почна да се емитува уште во 2000 година и стана популарно ширум целиот свет. По завршувањето на шоуто, кое до денес има верни фанови, следеа и неколку филмови.
Во шоуто, неколку пријатели изведуваат луди предизвици, кои неретко завршуваат и со физички повреди.
Најпопуларниот член од екипата на Jackass е Џони Ноксвил, но периодов доста внимание привлекува и Бам Маргера.
43-годишниот Бам Маргера е поранешен професионален скејтер кој се прослави со шоуто Jackass. Но, најверојатно ќе остане запомнет по бројните скандали и полициската потрага по него која е во тек.
Проблематичната ријалити ѕвезда е гонета за неколку прекршувања на законот, вклучувајќи недолично однесување, домашно насилство, како и закани по живот.
Моментално Бам е во бегство и полицијата од Пенсилванија упати апел до жителите да споделат какви било информации за него.
Според TMZ, потрагата почнала откако полицијата добила пријава од неговиот брат.
Наводно, Бам отишол во домот на брат му, почнал силно да тропа на вратата, а на крај му ставил вознемирувачка порака со закани.
Набрзо потоа, брат му го начекал Бам како уринира во мијалникот во кујната, по што почнала физичка пресметка помеѓу нив.
Бам неколкупати го удрил брат му по главата, а дури и му се заканувал дека ќе го убие, по што избегал од куќата.
Само неколку недели претходно, Бам беше уапсен откако почнал да се расправа со жена во ресторан под дејство на алкохол.
Неколку часа пред инцидентот во ресторанот, Бам бил избркан од хотелот во којшто престојувал поради нарушување на редот и мирот.
На почетокот од април, пак, Бам беше уапсен за домашно насилство. Бил пријавен од жена за која се верува дека му е девојка.
Набрзо потоа скејтерот беше ослободен со кауција.
Бам има и сопруга – Ники – но моментално се одвоени. Тие имаат и 5-годишен син.
Ники пробува тој да добие забрана за приближување бидејќи е исплашена за нејзината, но и безбедноста на нивниот син поради однесувњето на Бам.
Истовремено, кога го посетувал синот, тој речиси секогаш бил под дејство на алкохол и дрога, поради што Ники поднесе барање за развод.
Таа се обидува да добие целосно старателство над синот. Ники сака Бам да има дозвола да го гледа, но никако да биде оставен сам со него.
Во меѓувреме, проблематичната ѕвезда е тужена и од негов сосед – 28-годишниот Даниел Карденас.
Според Даниел, Бам отишол кај него и му се заканувал по животот бидејќи наводно правел многу врева.
Додека да почне судењето, Бам има забрана за приближување до домот на соседот.
Бам Маргера има сериозен проблем со зависност од дрога и алкохол, а неговото проблематично однесување не е ништо ново.
Досега тој неколкупати бил на рехабилитација, но, очигледно, безуспешно.
Тој двапати доби судска наредба за да оди на рехабилитација и двапати избега од центрите.
Извесен период тврдеше дека рехабилитацијата успеала и дека е „чист“, но набрзо потоа се судри со законот поради недолично однесување под дејство на дрога и алкохол.
Последен пат беше на рехабилитација кон крајот на минатата година и откако избега од центарот, беше најден и хоспитализиран.
Тогаш доживеа мозочен удар, а откри дека имал и пневмонија.
По излегувањето од болница, тој продолжи со недоличното однесување и изминативе неколку месеци е попроблематичен од кога било.
Како што веќе спомнавме, моментално има активна полициска потрага по него и доколку биде фатен, овојпат најверојатно ќе се соочи со построги казни.
Спирова С. | Црнобело