„Ги допирал за задникот и меѓу нозете“ – 13 млади жени го обвинуваат Жерар Депардје (74) за сексуално малтретирање
- Детали
- четврток, 13 април 2023
„Тоа е Жерар, тој е таков!“ – наводно им велеле на актерките и шминкерките што биле жртви на непримерното однесување на францускиот актер. Откако млада колешка (33) го обвини за силување и беше најдена и видео снимка од сексуалниот чин, 13 други млади колешки се пожалиле на неговото однесување.
Вкупно 13 жени поднесоа поплаки против францускиот актер Жерар Депардје (74) и го обвинуваат дека сексуално ги злоставувал за време на снимањето на филмовите.
Како што објавуваат светските медиуми, повикувајќи се на документи доставени до судот, францускиот актер за време на снимањето на филмовите редовно ги напаѓал своите жртви.
Последно, тој извршил напад врз колешка за време на снимањето на криминалната драма на Нетфликс, Marseille.
Меѓу жртвите на Депардје е и Шарлот Арно (33) која го обвинува актерот дека ја силувал во неговата куќа во Париз. Таа при крајот на 2021-ва година се откажа од своето право на анонимност и ги критикуваше властите дека премногу ја одолговлекуваат истрагата.
Во меѓувреме Депардје, по обвинувањата од Арно, беше пуштен на слобода и продолжи да работи на тековните проекти.
Како што пишува Daily Mail, судот добил и видео снимка од безбедносните камери на кои се гледа дека Депардје има секс со својата колешка во август, 2018-та година, но најпознатиот француски актер во тоа време тврдеше дека имал согласност од колешката за интимниот чин.
„Освен тужбата од Шарлот Арно имаме вкупно 13 други поплаки од жени што тврдат дека биле жртви на сексуално злоставување или непристојни предлози од познатиот актер и сите случаи се со разлика тежина.
Но, јасно е дека една работа се повторува: жените се актерки, шминкерки и други вработени на филмските сетови. Тие тврдат дека им се случувало актерот да ги допира за задникот, меѓу нозете, на бедрата или на стомакот, а има и случаи на директни предлози за секс“ – стои во известувањето од француските медиуми.
Сепак, ниту една од 13-те жени не поднела криминални обвиненија, а најчесто сите инциденти биле отфрлани со потсмев: „Тоа е Жерар, таков е!“
Според други тврдења, пак, жените не сакале да поднесат тужби затоа што се плашеле дека конфликтот со најпознатиот актер во Франција може да им ја уништи кариерата.
Странските медиуми застануваат во одбрана на жртвите и пишуваат дека сите тие се свесни дека никој нема да застане на нивна страна и да му се спротивстави на актерот кој ужива огромна слава и важи за најпознат француски актер кој се прослави во голем број светски филмски хитови, а најпознат е по улогата на Обеликс во франшизата Asterix & Obelix.
Б. С. Б. | Црнобело