Аријана Гранде се огласи за злобните коментари за изгледот: „Пиев антидепресиви со алкохол, затоа имав повеќе килограми“
- Детали
- среда, 12 април 2023
По бројните злобни коментари на Инстаграм во кои некои следбеници ја прашуваат и дали има рак, Аријана Гранде сподели видео во кое објаснува дека сега е послаба, но поздрава од кога било. Кога имала повеќе килограми, пејачката пиела антидепресиви со алкохол и вели дека била во најлошата фаза од животот.
По Селена Гомез, и Аријана Гранде се најде на мета на критики поради промените во нејзиниот изглед. За разлика од Селена, Аријана е критикувана дека сега е премногу слаба.
Поради бројните злобни коментари на нејзината најнова Инстаграм објава, младата пејачка реши да се огласи во врска со промената на нејзиниот изглед и да ги замолчи критичарите.
На најновата Инстаграм објава, Аријана позира во краток црн фустан и црни хулахопки. Пејачката изгледа слабо, но нема некоја драстична промена во нејзиниот изглед.
Сепак, ова не ги спречи следбениците да бидат дури и злобни:
„Дали имаш рак?“
„Јади нешто“.
„Изгледа како да е болна“.
„Луѓето го занемаруваат тоа дека е болна. Ако вистински ја поддржувате, ќе ја поддржувате да јаде“.
Набрзо откако ја сподели фотката, Аријана објави видео на ТикТок во кое објаснува дека денес е всушност поздрава од кога било.
„Не го правам ова често. Не сакам и не ми оди добро. Но, морав да се огласам за вашите грижи за моето тело и да зборувам малку за тоа што значи да бидете личност која има тело и личност на која ѝ се обрнува толку многу внимание.
Мислам дека треба да бидеме понежни и да не си дозволуваме да коментираме за туѓите тела, без разлика на сè. Ако мислите дека кажувате нешто добро или со добра намера, без разлика што е – здраво или нездраво, големо или мало, ова или она, секси или несекси – треба да се потрудите да не го правите тоа толку често“.
Пејачката им порача на следбениците да престанат да се фокусираат на туѓиот изглед и, едноставно, да го игнорираат она што не им се допаѓа.
Таа додава и дека порано, кога имала повеќе килограми, всушност не била воопшто здрава, за разлика од сега.
„Исто така сакам да кажам дека, најпрво, има многу разни видови убавина. Има многу различни начини да изгледате здраво и убаво.
И, лично за мене, телото со коешто ме споредувате е всушснот најнездравата верзија од моето тело“.
Пејачката откри дека тој период пиела многу антидепресиви, и тоа во комбинација со алкохол.
„Не се хранев здраво и бев во најлошиот период од животот кога изгледав на начин што вие го сметате за здрав…“
Аријана истакнува и дека нејзините следбеници не ѝ се блиски пријатели, па не можат да знаат низ што минува приватно.
„Никогаш не знаете низ што минува некој, па дури и ако се грижите за неа, таа личност веројатно работи на проблемот и има поддршка“.
На крај, пејачката се обиде да ги охрабри другите луѓе кои се соочувале со злобни коментари за нивниот изглед.
„Вие сте убави без разлика во која фаза од животот сте моментално.
А, исто така, сега не носам вештачки трепки или шминка. Ова е моето лице, ова се моите очи, па немојте сега да полудите и за тоа“.
@arianagrande ♡
♬ original sound - arianagrande
Аријана претходно има зборувано за проблемите со менталното здравје.
Пејачката страда од анксиозност и депресија, но и посттрауматско стресно нарушување кое е резултат на трагичното бомбардирање на нејзиниот концерт во 2017 година.
Во нападот на концертот кој се одржа во Англија загинаа 23 лица, а над 1.000 беа повредени.
Пејачката не беше повредена, но до денес пробува да ја надмине траумата од инцидентот.
Спирова С. | Црнобело