„И најголемите мажишта имаат слабост пред ќерките“ – Двејн Џонсон хит на Инстаграм откако им дозволи на децата да го „нашминкаат“ (видео)
- Детали
- понеделник, 27 март 2023
Актерот Двејн Џонсон, кој важи за еден од најсилните мажи во Холивуд, ги разнежи фановите откако објави видео на кое неговите две ќерки Јасмин (7) и Тиа (4) му ја бојат главата со розов кармин. За да го дополнат изгледот на нивниот популарен татко, двете девојчиња му нацртаа црни мустаќи и брада во стилот на духот од волшебната ламба на Аладин и една веѓа преку целото чело.
Актерот Двејн Џонсон на своите ќерки Јасмин и Тиа им дозволува скоро сè. Па така, тој објави видео од неговата розова преобразба на Инстаграм.
Тој откри дека на девојчињата им дозволил да го исчкртаат, иако имал Zoom - состанок 10 минути откако тие ги зеле кармините во раце.
За среќа, состанокот му го откажале, но тој сепак решил да сними видео и да покаже како се забавува со ќерките.
„Тато е девојче“ - вели во видеото неговата ќерка Јасмин.
„Машко сум“ - ѝ одговара поранешниот професионален борач.
Актерот, потоа кажа и дека му требал еден час да го извади карминот од главата и дека си ја истенчил кожата од триење.
„И најголемите мажишта не можат да им одолеат на ќерките“ - пишуваат фановите на Рок, кои го споделуваат видеото на Инстаграм Стори.
Не е првпат Џонсон да им дозволува на ќерките да си играат со него и да го шминкаат.
Тој претходно објави видео на кое носи шарена перика и тетоважи направени со маркер кои му ги нацртале ќерките.
Освен Јасмин и Тиа, Џонсон ја има и ќерката Симон (21) од бракот со поранешната жена Дени Гарсија.
А. Ј. | Црнобело