Зошто никој не може да издржи повеќе од 30 минути во најтивката соба во светот?
Во седиштето на Microsoft во Вашингтон се наоѓа најтивката соба во светот и ретко кој може да издржи внатре повеќе од 30 минути. Оние кои влегуваат во собата почнуваат да го слушаат својот пулс, па дури и движењето на крвта низ крвните садови, а некогаш се јавуваат и халуцинации.
Таканаречените анехоични соби (anechoic chamber) се конструирани на тој начин што го блокираат одбивањето на звучните и електромагнетните бранови.
Истовремено, тие се изолирани од надворешниот свет и во нив не влегува никаков звук.
Ова значи дека анехоичните соби се најтивкото место што можете да го најдете на Земјата.
Всушност, во внатрешноста на овие соби е толку тивко, што просечен човек не би можел да издржи повеќе од 30-тина минути внатре.
До 2015 година, најтивката соба во свето се наоѓаше во Минесота, во Orfiled Laboratories.
Во оваа соба, јачината на звукот е всушност негативна и изнесува -9,4 децибели. Ова значи дека јачината на звукот во собата е за 9,4 децибели пониска од најтивкиот звук што може да го слушне човечкото уво.
За споредба, звукот од нашето дишење има јачина од околу 10 децибели.
Собата била направена за тестирање на гласноста на разни продукти кои произведуваат врева. На пример, компанијата Harley Davidson има тестирано свои мотоцикли во оваа соба.
Она што е најинтересно е начинот на којшто реагира нашето тело кога се наоѓа во просторија со негативна јачина на звук.
Според основачот на институцијата каде што се наоѓа собата, ретко кој може да остане во собата повеќе од 30-тина минути.
„Ги предизвикуваме луѓето да седат во просторијата во темница – една личност успеа да остане внатре 45 минути. Кога е тивко, ушите се адаптираат. Но, колку е потивка собата, толку повеќе работи слушате.
Ќе почнете да го слушате чукањето на вашето срце, некогаш ќе ги слушнете вашите бели дробови, ќе го слушнете вашиот стомак. Во анехоична просторија, вие станувате звукот“, вели основачот Стивен Орфилд.
Собата може да има влијание дури и врз вашата ориентација, а наводно може да предизвика и халуцинации.
„Ние се ориентираме според звуците што ги слушаме додека се движиме. Во анехоична соба го нема ова. Ги нема работите што ни помагаат да одржуваме рамнотежа и да маневрираме. Ако останете внатре половина час, ќе мора да бидете седнати“, вели основачот.
Во 2012 година, авторот Џорџ Мајклсон Фој влезе во собата и го сподели неговото искуство за The Guardian:
„Кога се затвори врата, бев во потполна темница (внатре нема светилки бидејќи прават врева). Во првите неколку секунди, тишината беше како нирвана. Пробував да наслушнам нешто и... не слушнав ништо.
По минута-две, станав свесен за звукот на моето дишење, па го задржав воздухот. Почнав да го слушам чукањето на моето срце. Како што минуваа минутите, почнав да ја слушам крвта како се движи низ моите вени.
Се намуртив и слушнав како ми се движи кожата врз черепот, што беше морничав и чуден звук што не можам да го објаснам. Дали халуцинирав?“
Џорџ издржал 45 минути внатре и вели дека иако во собата владее „мртва тишина“, тој ги слушал звуците што ги прави неговото тело, а за кои дотогаш не бил ни свесен.
Во 2015 година, во седиштето на Microsoft во Вашингтон беше направена уште потивка соба, каде што биле измерени -20,3 децибели. Засега, оваа просторија го држи рекордот за најтивка соба во светот.
За CNN, инженер од Microsoft сподели како изгледа престојот во оваа соба.
„Само што ќе влезете во собата, чувствувате чудна и уникатна сензација која е тешко да се опише. За повеќето луѓе, недостатокот од звук делува заглушувачки. Чувствуваат како да имаат нешто во ушите или нешто како зуење.
Многу тивките звуци стануваат погласни бидејќи околната врева е многу ниска. Кога ќе ја свртите главата, можете да го слушнете тоа“.
Инженерот вели дека во реалноста, надвор од тивката соба, нашите уши постојано се изложени на некаков звук. На нашите ушни тапанчиња секогаш има некаков воздушен притисок.
Но, во тивката соба константниот воздушен притисок го нема бидејќи звукот не се рефлектира од околните ѕидови.
„Имам забележано неколку луѓе кои можат да останат во собата околу 30 минути. Но, повеќето побараа да излезат во првите неколку секунди“, открива инженерот.
За да се постигне овој необичен ефект, ѕидовите на собата имаат неколку слоеви кои ја изолираат од надворешниот свет.
Собата е направена од шест слоја бетон и челик. Истовремено, направена е врз огромни вибрирачки пружини со цел да се намали влијанието на звучните вибрации од зградата во којашто се наоѓа.
На подот, таванот и ѕидовите има и фиберглас (материјал познат и како стаклопластика) кои ги „уништуваат“ звучните бранови пред тие да успеат да се одбијат.
Собата во Microsoft не е отворена за јавност, а компанијата ја користи за анализирање на шумовите што ги прават нивните уреди, како тастатури и монитори.
Спирова С. | Црнобело