Зошто експертите се загрижени за топењето на глечерите и колкава штета предизвикува ова?
Можеби не им придаваме големо значење на глечерите, но тие извор на питка вода за многу луѓе, а нивното топење засекогаш ќе ги промени океаните и ќе биде причина за смртта на многу животински видови, а со тоа и појава на глад.
Веќе неколку децении научниците будно ги следат глечерите и предупредуваат за нивното забрзано топење. А, последиците од ова топење можат да бидат катастрофални.
Погледнете зошто всушност експертите се загрижени за топењето на глечерите:
Што се глечерите и како се создаваат?
Глечерите се создаваат од снегот, кој во текот на многу години се компресира и се претвора во огромна маса мраз. Глечерите се формираат кога снегот останува доволно долго на земјата, за да се претвори во мраз. Големината на глечерите варира – ти можат да бидат големи колку фудбалско игралиште, но и да достигнат должина од над 100 километри.
Моментално глечерите зафаќаат околу 10% од површината на Земјата, а повеќето се лоцирани во поларните региони, како Антарктикот и Гренланд.
Она што е неверојатно е фактот дека некои глечери се остатоци од последната ледена доба, а се верува дека мразот во најстариот глечер, кој се наоѓа на Антарктикот, е стар речиси еден милион години.
Зошто се топат глечерите и кога експертите станаа свесни за ова?
Зголемувањето на просечната температура на Земјата е една од најочигледните причини за топењето на глечерите. Денес, со забрзаното зголемување на просечната температура, се забрзува и топењето на мразот во глечерите.
Ова започнало во екот на Индустриската револуција, кога се зголемило производството, а со тоа и емисијата на штетните гасови кои се причина за загревање на планетата. Истовремено, глобалното затоплување ја зголемува и температурата на водата во океаните, а ова дополнително го забрзува топењето на „вечниот мраз“.
Научниците почнале да се прашуваат за човечкото влијание врз климата на Земјата на почетокот од 19-иот век. Тој период ги идентификувале и штетните ефекти на стакленичките гасови. Кон крајот на 19-иот век научниците почнале да дебатираат дали зголемената емисија поради индустријализацијата може да ја промени климата на нашата планета.
Веќе во 1990-тите, станало повеќе од очигледно дека луѓето се најодговорни за глобалното затоплување и научниците почнале посериозно да се занимаваат со оваа проблематика.
Но, покрај другите проблеми што ги носи глобалното затоплување, која е штетата што ќе ја предизвика забрзаното топење на глечерите?
Ќе се промени концентрацијата на сол во морињата и океаните
Замрзнатата вода во глечерите е питка, односно не е солена. А, бидејќи станува збор за огромни количества вода, кога ќе се стопат глечерите ви океаните, ќе влијаат врз концентрацијата на сол во нив. Ова значи дека огромен број морски видови засекогаш ќе исчезнат.
Овие животни се адаптирани на живот во океаните какви што се сега. Кога ќе се промени составот на морската и океанската вода, тие нема да можат да преживеат.
Многу луѓе ќе останат без вода за пиење
Во многу планински предели со малку врнежи, глечерите се извор на питка вода во сушните сезони. Кога мразот од нив се топи, водата завршува во реки кои се користат за наводнување, создавање електрична енергија, но и за пиење. Ова топење обично е сезонско, што значи глечерите остануваат како резервоари за питка вода.
Но, со глобалното затоплување, топењето значително ќе се забрза, што значи побрзо ќе се потрошат овие природни резервоари.
Откршувањето на глечерите предизвикува огромна штета
Поради зголемената температура, често се случува да се открши дел од огромен глечер и да продолжи да плови сам. Големината на откршените делови може да варира, што значи можат да бидат и многу големи, а со тоа и опасни.
Добар пример за опасноста што ја претставуваат е инцидент кој се случи во Индија, во февруари годинава. На северниот дел од државата имаше огромна поплава која речиси целосно сруши една брана. Подоцна експертите утврдија дека поплавата ја предизвикал глечер кој се откршил од планински врв и паднал во водата. Поплавата што ја предизвикал убила над 30 луѓе.