Во Јапонија е направена првата трансплантација на бели дробови од живи донори, на жена која имала ковид-19
Јапонските лекари ја направиле првата трансплантација на бели дробови од жив донор. Пациентот е жена која претрпела сериозни последици после боледувањето од ковид-19, а донорите се нејзиниот син и нејзиниот сопруг. Лекарите сметаат дека ова ќе им даде надеж на сите кои имаат сериозни последици од ковид-19.
CNN пренесува дека во универзитетска болница во Кјото е направена првата трансплантација на бели дробови од жив донор. Пациентката е жена која претрпела сериозно оштетување на белите дробови после боледувањето од ковид-19, а операцијата траела цели 11 часа.
Добро познато е дека кај некои пациенти, корона вирусот предизвикува огромна штета на белите дробови, а ширум светот се направени неколку трансплантации поради ова. Но, во ваквите случаи, пациентите чекаат органи од починати донори, па листата на чекање ширум целиот свет е огромна. Ова, пак, е првпат да се направи трансплантација на бели дробови од живи донори.
Операцијата ја водел хирургот Хироши Дате, кој верува дека ова ќе им даде надеж на другите кои претрпеле слични последици од корона вирусот.
„Демонстриравме дека сега имаме опција да пресадуваме ткиво од живи донори“.
Лекарите искористиле ткиво од дробовите на сопругот и синот на пациентката, кои се во добра состојба после операцијата. Моментално, жената е на интензивна нега.
На рентгенските снимки се гледаат дробовите на жената пред операцијата (лево) и нејзините бели дробови по трансплантацијата (десно). Темните делови на десната снимка е всушност пресаденото ткиво.
Жената се заразила со корона вирусот кон крајот на минатата година, а неколку месеци лежела во болница со машина која служела како вештачки бели дробови.
Вирусот предизвикал толкава штета, што нејзините бели дробови не биле воопшто функционални, па трансплантација бил единствениот начин да ѝ се спаси животот.
Од болницата велат дека огромен број луѓе чекаат трансплантација од мртви донори, но живите донори, како во случајот со жената, секогаш се многу подобра опција.
Како што напоменавме, моментално жената е на интензивна нега, а лекарите сметаат дека ќе можат да ја пуштат дома за околу два месеца.
Спирова С. | Црнобело