Ниту небото не е граница: Била девојче со рак на коските, се изборила и сега е жена што ќе лета во вселената
На 10-годишна возраст Хејли Арсено имала рак на коските, поради што ѝ вградиле титаниумска шипка во левата нога, а сега таа ќе стане првата личност со протеза, но и една од најмладите личности кои отишле во вселената, благодарение на првиот приватен лет на SpaceX до земјината орбита.
Неколку денови откако беа објавени имињата на првите луѓе кои ќе одат до Меѓународната вселенска станица со приватен лет, од SpaceX ги споделија плановите за уште една слична мисија.
Во четвртиот квартал од 2021-ва, ракетата Falcon 9 на SpaceX ќе лансира четворица луѓе до орбитата на Земјата со приватен лет. Мисијата е наречена Inspiration4 и ќе биде првиот приватен лет до орбитата, а дел од екипажот ќе биде и Хејли Арсено – 29-годишна девојка која има преживеано рак на коските.
Со 29 години, Хејли ќе биде една од најмладите личности кои отишле во вселената. Таа е лекар асистент во болницата St. Jude во Мемфис, која денес е и центар за истражување на детски болести. Хејли ќе биде дел од приватниот лет на SpaceX, кој е финансиран од пилотот милијардер Џаред Исакман.
Џаред ќе ги покрие трошоците на Хејли, но и за останатите две места. Засега уште не е одлучено кои ќе бидат другите двајца што ќе патуваат до орбитата.
Покрај тоа што ќе биде најмлада, Хејли ќе биде и првата личност со протеза која ќе оди во вселената.
На 10-годишна возраст, Хејли почнала со терапија за рак на коските, а тогаш ѝ направиле операција со која ѝ го замениле коленото и ѝ вградиле шипка од титаниум, односно протеза, во левата коска на ногата.
„Мојата битка со ракот ме подготви за вселенското патување. Ме направи силна, а сметам и дека ме научи секогаш да го очекувам неочекуваното“.
Со овој подвиг, Хејли се надева дека ќе им покаже на нејзините пациенти и другите кои преживеале рак дека повеќе ниту небото не е граница.
Милијардерот Џаред ѝ предложил на болницата во која работи Хејли да одберат еден од вработените за да биде дел од мисијата Inspiration4. Кога од болницата одлучиле Хејли да биде оваа личност, ѝ се јавиле, а таа веднаш прифатила.
„Сакаме да го направиме вселенското патување достапно за сите“, изјави милијардерот во врска со неговата одлука.
Неодамна Европската вселенска агенција пушти оглас за нови астронаути, вклучувајќи и луѓе со физички инвалидитет, давајќи им можност на оние кои ги имаат потребните квалификации, но не можеле да бидат астронаути од оваа причина.
SpaceX, пак, со мисијата Inspiration4, покажува дека вселенските патувања ќе бидат возможни и за луѓе со протеза и слични здравствени проблеми, без разлика што не се астронаути.
Нормално, Хејли и останатиот екипаж ќе поминат тренинг, но за таканаречени „комерцијални астронаути“. Разликата е во тоа што тие нема да бидат обучувани за вселенски прошетки или за живот во Меѓународната вселенска станица.
Лансирањето е планирано за есен 2021, а екипажот ќе биде лансиран со ракетата Falcon 9, во капсулата Dragon која е дизајнирана и за комерцијални летови до орбитата.
Засега не се познати многу детали за мисијата, освен дека патувањето ќе трае неколку денови, леталото ќе ја заобиколува Земјата на секои 90 минути, а на крај ќе слета во вода, покрај брегот на Флорида.
Спирова С. | Црнобело