Зошто бојата на океаните и морињата не е иста насекаде?
Сигурно сте забележале дека бојата на морето или океанот не е насекаде со истата нијанса. За оваа појава одговорни се неколку фактори.
Најпрво важно е да знаете дека бојата на океаните и морињата не е сина, туку проѕирна. Бојата што се гледа на површината најмногу зависи од длабочината на водата, како и од она што се наоѓа под неа.
Доколку наполните чаша вода, таа ќе ви изгледа проѕирна бидејќи видливата светлина минува без речиси никакви пречки. Но, доколку водата е доволно длабока така што светлината не се рефлектира од дното, таа ќе изгледа сино.
Причината за ова е физиката – сончевата светлина е создадена од спектар со бранови со разна должина. Брановите со поголема должина нам ни изгледаат како црвени и портокалови, додека пократките ги гледаме како сини и зелени.
Кога сончевата светлина паѓа врз океанот, таа може да биде апсорбирана или расфрлана. Доколу во водата нема ништо освен нејзините молекули, светлината со помала бранова должина најверојатно ќе удри во нешто и ќе се расфрла, па океанот ќе изгледа сино.
Во меѓувреме, црвената сончева светлина е апсорбирана во близина на површината.
Покрај длабочината, и она што се наоѓа на дното може да има влијание врз бојата на океанот или морето. Во Грција, на пример, морето има тиркизна боја бидејќи најчесто на дното има бел песок или бели камчиња.
Бојата го означува здравјето на океанот
Океанографите внимателно ја проучуваат бојата на океаните бидејќи таа може да им покаже што се случува под површината.
На пример, фитопланктоните користат хлорофил за да ја заробат сончевата енергија и за да ги претворат водата и јаглеродниот диоксид во органски соединенија. При овој процес познат како фотосинтеза, фитопланктоните генерираат околу половина од кислородот што го дишеме.
Океаните кои имаат многу фитопланктони можат да изгледаат од сино, до зелено.
Ефектот на климатските промени
Изминативе 50 години, се појавиле многу повеќе зони во океанот каде што има недостаток од кислород. Дел од ова е поради покачената температура на водата како последица од климатските промени.
Проблемот е што на оваа температура, фитопланктоните се размножуваат многу повеќе. Кога ќе умрат, тие се таложат на дното и се распаѓаат со процес што го намалува нивото на кислород во водата.
Во Тихиот Океан се наоѓа можеби најчистата вода во светот. Ова е место каде што луѓето речиси и да немаат влијание. Чистотата на водата, во комбинација со длабочината на местото му даваат индиго боја на океанот каква што нема да видите на друго место.
Спирова С. | Црнобело