Рачните часовници се трипати повалкани од тоалетните школки
Иако капакот од тоалетната школка за многумина е нешто највалкано и нехигиенско, сепак истражувањата велат дека тие се побезбедни од хигиенски аспект, отколку рачните часовници.
Според едно ново истражување, рачните часовници, во просек, се трипати повалкани од капакот од тоалетната школка.
Истражувањето било спроведено од компанијата Tic Watches и биле тестирани 10 разни рачни часовници за бактерии, габи и мувла.
Се покажало дека фитнес часовниците се највалкани, односно 8 пати повалкани од тоалетните школки. Од друга страна, најчисти биле кожените рачни часовници.
Компанијата спровела и анкета како дел од истражувањето и се покажало дека 24% од испитаниците никогаш не ги чистеле своите рачни часовници. 20% пак ги чистеле часовниците помалку од еднаш во шест месеци.
Даниел Ричмонд, менаџерот на компанијата, изјавил дека рачните часовници треба да се чистат барем еднаш месечно.
„Без разлика дали носите рачен часовник секој ден или само на работа, едно нешто е сигурно – не го чистите често колку вашите раце. За жал, не сите часовници се водоотпорни, па избегнувањето на контакт со вода може да биде една од главните причини за насобирањето на бактерии. На оние кои носат часовник секој ден, им препорачуваме добро да го исчистат барем еднаш месечно.“
Како да го исчистите вашиот часовник?
Доколку сакате да го исчистите вашиот рачен часовник, можете да ги пробате советите во продолжение. Доколку сепак мислите дека не можете сами, секогаш можете да го однесете на професионално чистење.
1. Отстранете го часовникот од ремчето. За некои часовници можеби ќе ви биде потребен алат или посебна игла. Најважно е да бидете внимателни за да не го оштетите часовникот.
2. Наполнете еден сад со вода и додајте малку средство за садови. Доколку имате кожен часовник, можете да додадете малку бел оцет наместо средство.
3. Потопете го ремчето во садот. Во зависност од тоа колку е валкано, можете да го оставите да отстои од 30 минути до неколку часа.
4. Истријте ги нечистотиите со мека ткаенина или четка за заби. Бидете внимателни со притисокот за да не го изгребете ремчето.
5. Исплакнете го ремчето со чиста вода.
6. За да го исчистите часовникот употребете влажна ткаенина. Доколку сè уште останат дамки, можете да употребите и мека четка за заби потопена во вода со средство за чистење.
Немојте да го потопувате часовникот во вода доколку не сте целосно сигурни дека е водоотпорен.
7. Темелно исушете ги деловите од часовникот со крпа, или оставете да се исуши на воздух. Потоа само вратете го ремчето на часовникот.
Спирова С. | Црнобело