Темната енергија во Вселената е стварна
Темната енергија, мистериозната вселенска сила за која се верува дека е погонското гориво за ширење на космосот е стварна, заклучи британско-германски тим астрономи.
По двегодишното истражување, групата научници од британскиот универзитет во Портсмут и германскиот универзитет LMU во Минхен заклучиле дека веројатноста за постоењето на темната енергија изнесува 99,996 отсто.
Тоа е исто ниво на веројатност коешто го има и годинешново прославено откритие на Хигсовиот бозон или субатомската честичка која наликува на него, во истражувачкиот центар на CERN во Женева.
Иако во научните кругови е широко прифатена како најдоброто објаснување на сѐ побрзото ширење на Вселената, во теоријата на темната енергија се сомнева дел од научниците.
Астрономите коишто пред десетина години го проучуваа отсјајот на далечна супернова добија Нобелова награда за физика во 2011 година, за нивниот заклучок дека ширењето на космосот се забрзува.
Меѓутоа, некои научници тврдат дека станува збор за илузија којашто ја предизвикува движењето на Земјата во однос на остатокот од Вселената. Други, пак, за заклучокот за сѐ побрзото ширење на Вселената поодговорна ја сметаат дупката, во нашето поимање на силата потешка отколку темната енергија.
„Темната енергија е една од големите научни недоумици на нашето време, па не е изненадувачки што толку научници го доведуваат во прашање нејзиното постоење“, вели Боб Никол, член на истражувачкиот тим од Портсмут кој резултатите од истражувањето ги објави во академското списание Monthly Notices of the Royal astronomical Society.
„Со нашиот нов труд убедени сме повеќе од кога и да е, дека таа егзотична состојка на Вселената е стварна, иако сѐ уште немаме поим од што се состои“, истакнува Никол.
Темелната поставка на модерната наука за Вселената е дека видливите ѕвезди, планетите и гасовите сочинуваат околу четири отсто од космисчкиот простор, како и дека лебдат на површината на огромно море од непозната материја која се нарекува темна енергија. Се претпоставува дека темната енергија сочинува 73 отсто од Вселената, додека нешто помалку таинствената темна материја ги сочинува преостанатите 23 проценти.
14.09.2012 (Макфакс)