Маск го вгради првиот чип во човечки мозок – Зошто ова е најважно за луѓето со парализа?
Луѓето на кои ќе им биде вграден чипот ќе можат со мислите да го контролираат мобилниот телефон или компјутерот, а преку нив и секој друг уред во домот. Се смета дека овој чип во голема мера ќе придонесе за подобрување на начинот на живот на лицата со парализа.
Милијардерот Илон Маск во понеделникот (29.01) на социјалните мрежи објави дека неговата компанија Neuralink за првпат во историјата вградила чип во човечки мозок и дека пациентот заздравува добро.
„Првичните резултати покажуваат ветувачки нервни импулси и пациентот добро закрепнува“, објави Маск.
Нервните импулси се активноста на невроните, што може да се опишат како ќелии што користат електрични и хемиски сигнали за да испратат информации во мозокот и во телото.
Со помош на новиот чип на Маск, овие нервни импулси ќе се праќаат до мал компјутер кој ќе им помогне на луѓето само со мислите да извршуваат сложени функции, а според The Guardian, тоа ќе биде од огромно значење за лицата со парализа коишто ќе можат само со мислите да „поместуваат предмети“.
Првиот производ на Neuralink ќе се вика „телепатија“, а тој е составен од ултра тенки конци кои со помош на робот хирург се вградуваат во мозокот на човекот.
Првичната функција на чипот ќе биде да снима и да испраќа сигнали до апликацијата, со цел на луѓето да им се овозможи да го контролираат курсорот на компјутерот или тастатурата, користејќи ги само сопствените мисли.
Со помош на овој производ, лицата што имаат парализа или друг вид попреченост ќе можат да ги контролираат компјутерите или мобилните телефони, а преку нив и секој друг уред што може да се контролира со нивна помош.
За потсетување, во септември компанијата на Маск доби одобрение од Американската агенција за храна и лекови да почне да го тестира производот на кој се работело со години наназад.
Прочитајте и Илон Маск го претстави мозочниот имплант со којшто ќе можете да ја контролирате технологијата
Б. С. Б. | Црнобело