Носталгија по детството – 6 раскази од Толстој од лектирата за прво одделение
Ги помните ли приказните за лисицата и штркот, за мачката и глувците, за комарецот што излегол посилен од лавот? Да се потсетиме на дел од нив.
Се сеќавате ли на лектирите со кои го започнавте образованието? „Касни-порасни“, „Зоки Поки“, „Раскази“ од Лав Николаевич Толстој, „Карлсон Лета“, „Пајажината на Климентина“...
Овие наслови беа меѓу лектирите што ги читавме во основното образование.
На Фејсбук страната Ретро ризница еден корисник објави фотографии од книгата „Раскази“ од Лав Николаевич Толстој што нѐ посетија на минатото и на детските години кога преку малите раскази од големиот руски великан учевме важни животни лекции.
Впечатливите илустрации од Александар Каевски ги помнат сите на кои оваа тенка книга им поминала низ рацете.
Да се потсетиме на неколку кратки раскази од книгата и да видиме колку од нив сме запомниле.
Исто така, ова четиво може да бидат одличен начин за да го поминете времето со вашите деца.
Лисица и грозје
Видела лисицата зрело грозје кај виси и почнала да се мисли како да го изеде.
Се обидувала секако, но не успеала.
За утеха си рекла: „Уште е зелено и кисело.“
Лисица и штрк
Го поканила лисицата штркот на ручек и му дала јадење во чинија. Но, бидејќи има долг клун штркот не можел ништо да изеде, па лисицата го изела јадењето.
Другиот ден штркот ја поканил лисицата на ручек и ѝ го ставил јадењето во едно грне.
Сега лисицата не можела да ја провре муцката во грнето, па штркот со долгиот клун го изел јадењето.
Комарец и лав
Долетал комарецот кај лавот и му рекол: „Мислиш ли дека си посилен од мене? Да знаеш дека се мамиш! Во што ти е силата? Во тоа ли што гребеш со ноктите и касаш со забите? Така и жените со мажите се тепаат! Јас сум посилен од тебе: ако не веруваш ајде да се обидеме.“
Го рекол тоа комарецот и почнал да се врти околу лавот, да брмчи и да го каса по муцката. Лавот почнал да се удира со шепите по лицето и да се гребе со канџите. Се искрвавил по лицето и папсал.
Комарецот забрмчил од радост и одлетал. Но, по малку се сплеткал во една пајакова мрежа и пајакот почнал да го јаде. Тогаш комарецот рекол: „Ех, што ти е животот, го победив лавот, најсилниот ѕвер, а еве ќе загинам од еден пајак.“
Глувци и мачка
Им здодеало на глувците да живеат, од пуста мачка. Немало ни ден, ни два, а мачката да не изеде некој од нив.
Се собрале глувците и почнале да размислуваат како да се спасат од мачката. Мислеле, мислеле, но ништо не смислиле.
Едно глувче рекло: „Јас ќе ви кажам како да се спасиме од мачката. Ние страдаме затоа што не знаеме кога таа доаѓа. Треба на мачката ѕвонче да ѝ врземе.“
„Тоа би било добро“, рекол стариот глушец, „но, некој треба да го стави ѕвончето на вратот. Обиди се ти, ние вечно ќе ти бидеме благодарни.“
Петел и бисер
Чепкал петелот по буништето па нашол зрно бисер.
„Само ѓубре наоѓам,“ рекол, „кога еднаш ќе најдам глиста.“
Б. С. Б. | Црнобело