Без кои книги не треба да го напуштите овогодишниот „Саем на книгата 2021“ (II дел)
Саемот на книгата е сè уште во тек и ќе трае до 14 септември, што значи дека имате уште сосема малку време да ги купите вашите омилени книги по одлична цена со многу попусти.
Оваа година навистина изборот е огромен. Македонското издаваштво полека напредува и особено сме горди што има толку многу нови наслови на македонски јазик, како од класиците, така и од современата, модерна литература.
Без кои книги не треба да го напуштите овогодишниот „Саем на книгата 2021“?
Американа – Чимаманда Нгози Адичи (Арт Конект)
Среде воената диктатура во Нигерија, кога сите се обидуваат како што знаат и умеат да побегнат од земјата, двајца тинејџери лудо ќе се вљубат додека околу нив светот тоне во хаос.
Се разбира, безмилосната реалност ќе им ги скрши срцата, но по тринаесет години Ифемелу и Обинзе повторно ќе се сретнат на другиот крај од светот и ќе се обидат одново да ја откријат својата младешка страст.
Прво лице еднина – Харуки Мураками (ТРИ)
„Прво лице еднина“ е збирка од осум (не)обични раскази кои во прво лице еднина ги раскажува класичниот муракамиев раскажувач – осаменик.
Некои се носталгично навраќање на младоста која одамна си заминала, а други зборуваат за зрелата доба и животните предизвици што таа ги наметнува.
Повремено како втор раскажувачки глас се појавува наратор за кој читателот не е сигурен дали е самиот автор или е некој сосем друг, кој како негов двојник живее во паралелна реалност и го гледа од другата страна на огледалото.
Четирите ветришта – Кристин Хана (Сакам книги)
Тексас, 1934. Милиони се без работа и невидена суша ги пустоши Големите рамнини.
Фармерите се борат да ја зачуваат својата земја, воедно и својата заработувачка за живот, но жетвата пропаѓа, водата се суши, а прашината се заканува дека ќе ги закопа сите.
Пристигнува еден од најмрачните периоди од Големата депресија… и тоа многу злокобно.
Во ова несигурно и опасно време, Елза Мартинели – како и многу од нејзините соседи – мора да донесе претешка одлука: дали да се бори за земјата која толку ја сака или да замине на запад, во Калифорнија, во потрага по подобар живот.
Седумте мажи на Евелин Хуго – Тејлор Џенкинс Рејд (Литература)
Возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго конечно е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот.
Но, кога за тоа ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега?
Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ѝ е во ќор-сокак.
И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера.
Ние против вас – Фредрик Бакман (Антолог)
„Ние против вас“, накратко, е роман за последиците.
Како продолжение на приказната за Мечкоград и на сите случувања што го зафатија, оваа книга, со емотивниот набој со кој е напишана, зборува за љубовта, другарството, честа, верноста, единството, разединетоста, жртвувањето и борбата за опстанок.
Подготовките за новата хокејска сезона започнуваат, но хокејскиот клуб е на раб на стечај.
Додека спортскиот директор се обидува да го спаси, клубот, како и градот, се распаѓа дел по дел.
Следуваат настани во кои ќе се отсликаат сите емоции и надежи на заедницата, следуваат и жестоки пресметки и трагични случки.
Прочитајте и: Без кои книги не треба да го напуштите претстојниот „Саем на книгата 2021“ (I дел)
(О)Милена | Црнобело
Би можело да ве интересира:





