Започнете ја новата година со три врвни трилер наслови исполнети со мистерија
Непредвидливи книги, зачинети со многу мистерија и одлично изградени ликови. Звучи примамливо, нели? За сите обожаватели на овој специфичен жанр имаме три нови, возбудливи наслови кои ќе ве остават будни во овие долги, ледени, зимски ноќи.
Подготвени за мистерија? Започнете ја новата година со трилери од врвни, книжевни мајстори:
Убиецот со распетието – Крис Картер
Пронаоѓањето на телото на млада жена во една пуста колиба среде шума во Лос Анџелес го враќа детективот Роберт Хантер во еден страшен стар кошмар. Жртвата е пронајдена гола, закачена за две паралелни дрвени штици и очигледно е дека била садистички мачена пред исклучително болната смрт.
Некој ѝ ја одрал целата кожа од лицето – и тоа додека сè уште била жива. На задниот дел од нејзиниот врат е врежан чуден двоен крст: заштитен знак на психопат познат како Убиецот со распетието. Но тоа е невозможно. Затоа што Убиецот со распетието бил фатен и осуден на смртна казна пред две години.
Убиствата во Кингфишер Хил – Софи Хана
Фантастичен сплет од мистерии, дисфункционални семејни односи, морбидност и неизвесност – совршениот рецепт што ќе ве натера да го прочитате романов во еден здив! Херкул Поаро патува со луксузен пајтон до елитниот имот Кингфишер Хил.
Тој и неговиот верен придружник, инспектор Кечпул, се најмени од Ричард Девонпорт да го истражат убиството на неговиот брат Френк и да докажат дека неговата свршеница Хелен е неправедно осудена за убиството. Но има еден чуден услов: Поаро не смее да ја открива вистинската причина зошто е таму пред другите членови на семејството Девонпорт.
Нож – Ју Несбе
Пред својот педесетти роденден, Хари Хуле живее како во најлошите времиња. Рахела, единствената жена која ја сакал, го исфрла од дома. Ја губи работата на Полициската академија и се враќа во Одделението за крвни деликти, но работи на стари, неважни случаи.
Згора на сè, серискиот силувач и убиец Свејн Фине излегува од затвор и се заканува дека ќе му се одмазди на тој што го пратил таму и кој во меѓувреме го убил син му.
Во своето алкохолно бунило, Хари очекува остварување на својот најголем кошмар – кобен напад на неговото семејство. И кога едно утро целиот во крв се буди од морничавиот мамурлак, сфаќа дека кошмарот станал реалност. Нож е можеби најдобриот роман од исклучителниот серијал на Ју Несбе.
(О)Милена | Црнобело