Одлични психолошки трилери кои ќе ве „распаметат“
За сите љубители на возбудливите книги исполнети со адреналин, неочекувани пресврти, кулминација и расплет каков што не сте очекувале, ги имаме вистинските предлози за вас.
Три одлични, психолошки трилери кои вистински ќе си поиграат со вашиот ум и кои нема да може да ги оставите додека не ја завршите и последната страница:
Те набљудувам – Тереса Дрискол
Две млади девојки, Ана и Сара, заминуваат во Лондон да ја прослават матурската забава. Но, сплетот на околности ќе ги одведе на сосем поинакво патување.
Една од девојките исчезнува... Каде е Ана? Дали е жива или не? Неочекувано се појавува клучен сведок што ја води истрагата во друга насока. Клопчето се замрсува кога на површина испливуваат тајните на нивните родители.
Убиствата на Алиса – Гиљермо Мартинес
Младата Кристен Хил работи на истражување со братството Луис Карол и открива необјавена страница од дневникот на славниот автор на „Алиса во земјата на чудата“, која била искината и загубена во 1863 година.
Подготвувајќи се да го објави откритието што ќе фрли нова перспектива на деликатното и контроверзно поглавје од животот на писателот, девојката е дивјачки прегазена од автомобил.
Следуваат серија злосторства што се чини дека имаат цел да спречат да се обелодени тајната на изгубената страница.
Покана за пријателство – Лора Маршал
Луиз Вилијамс има само една желба. Да го остави минатото зад себе. Кога ќе добие порака од една личност од дамнешното минато, срцето за малку што не ѝ запира.
Марија Вестон сака да ја додаде за пријателка на Фејсбук. Но Марија Вестон исчезнала пред повеќе од дваесет и пет години. Последен пат е видена ноќта на матурската забава и сите веруваат дека е мртва. Особено Луиз, која целиот свој живот крие страшна тајна.
(О)Милена | Црнобело