Најдобра другарка и најлоша непријателка – 3 моќни книги за вечното женско ривалство
Особено интересни ни се книгите во кои главната тема е женското ривалство. Ова нуди некоја посебна привлечност бидејќи поголемиот дел сме се соочиле со вакви ситуации во реалноста.
Да се има најдобра другарка која воедно е и најголема непријателка. Да се сака подеднакво многу колку што и се мрази.
Предлагаме три интересни книги кои го разгледуваат феноменот на женското ривалство од различни аспекти:
Мојата генијална другарка – Елена Феранте
Наратор на приказната е 60-годишната Елена, соочена со мистериозното исчезнување на нејзината другарка Лила. Елена и Лила се другарки откако паметат една за друга. Растени во ’50-тите години во суровиот неаполски кварт, двете девојчиња заедно тргнуваат на училиште. Но едната е многу попаметна и поснаодлива од другата.
Патиштата непрестајно им се вкрстуваат во текот на животот. И иако Елена и Лила не можат една со друга, очигледно не можат и една без друга. Моќна приказна за вечното женско ривалство, но и пријателството кое е посилно од сè во животот.
Според истоимениот роман е направена и ТВ серија во италијанска продукција.
Мали жени – Луиза Меј Алкот
Дали сте знаеле дека ликот на Џо е всушност олицетворение на авторката Луиза Меј Алкот? Таа го напишала култниот роман практично „по нарачка“, под притисок на издавачите и нејзиниот татко за само неколку недели.
Испорачала 400 страници испишани со неверојатната приказна за жените во семејството Марч: Џо, Бет, Мег и Ејми. Секако, во фокусот е тивкото ривалство помеѓу Џо и Ејми кое се провлекува во голем дел од животот на помала сестра.
Романот има повеќе екранизации, од кои најактуелна е последната од 2019 година во режија на Грета Гервиг која беше номинирана и за Оскар.
Илјада неверојатни сонца – Халед Хосеини
Ова врвно ремек-дело кое нема да ве остави рамнодушни и без ниту една пуштена солза, раскажува за две жени вовлечени во виорот на бруталноста и војната.
Миријан е копиле, непризнаената ќерка на богат трговец. Откако нејзината мајка ќе се самоубие, таа е принудена да се омажи за Рашид, суров, надмен, шовинист, кој смета дека жените не се вредни за ништо. Пристигнувањето на втората, нова жена на Рашид ѝ отвора нови рани на Миријам откако таа го губи своето бебе.
Лејла е енергична, лута и ја проколнува војната која ѝ одземала сè. А во новата куќа не може да ја поднесе Миријам, ниту пак Миријам не ѝ е наклонета неа. Двете жени се лути сопернички, сè додека не сфатат дека сè што имаат на крајот од денот е себеси и една со друга.
(О)Милена | Црнобело