3 забавни книги што ќе ви го поправат расположението после сивиот јануари
Најдолгиот месец конечно е зад нас. Јануари за многумина е месец исполнет со среќа, но и тага и депресија, па сепак може да си оддадеме мало признание што го преживеавме, со сите подеми и падови.
Доколку чувствувате дека енергијата ви паднала, време е да го поткренете духот и расположението со 3 забавни книги кои со сигурност ќе ве насмеат:
Мајки-блогерки - Холи Вејнрајт
Запознајте ги трите жени што ги живеат своите животи на интернет, секоја од нив со следбеници, сметана за идол, имитирана, исмевана и „тролана“.
ЕЛ КЕМБЛ е дотерана, „стегната“ мајка со дефинирани и цврсти стомачни мускули, десетгодишен план и сложено минато. АБИ БЛЕК се откажала од јадење шеќер, се преселила на село и дома ги школува нејзините тинејџери со променливо расположение.
ЛАЈЗЕЛ АДАМС ја работи напорно својата канцелариска работа секој ден пред да јурне накај дома, полна со вина, за да помине бесценети моменти со нејзините три деца пред спиење.
Оваа книга е остроумен и смешен приказ на моќта на социјалните медиуми и жените кои стојат зад „лајковите“ и филтрите на Инстаграм.
Часови по секс - Даниел Грант
Џејмс Кенеди е згоден, паметен, млад, има одлично платена работа како банкар во центарот на Лондон, живее во огромен модерен стан во скапиот дел од градот, ги менува девојките како чорапи, има група фини пријатели… Навидум, тој навистина има совршен живот.
Но она што никој не го знае е дека Џејмс Кенеди воопшто не е добар љубовник во кревет. Кога само би имало некој кој би можел да му покаже каде греши, можеби да му даде неколку часа по секс… Но кој?
Огледи за љубовта - Алан де Ботон
На „судбинскиот“ лет Париз-Лондон раскажувачот се запознава со својата шармантна сопатничка Клои и додека да пристигнат до подвижната лента за подигнување на багажот–тој веќе е вљубен во неа.
Оттука почнуваме да го следиме заплетот на нивната љубовна приказна – од почетниот делириум на привлечноста до длабочините на самоубиствениот очај, опасните тактики кон кои прибегнуваат љубовниците кога саканиот ќе почне да се оддалечува од нив, до поуките за љубовта.
(О)Милена | Црнобело