Во чест на роденденот на Агата Кристи - најдобрите книги што треба да ги прочитате
Според Гинисовата книга на рекорди, Агата е најпродаваниот автор на сите времиња. Нејзините книги се продадени во повеќе од 2 милијарди примероци ширум светот и се преведени на повеќе од 50 јазици. Само Библијата и шекспировите дела доживеале поголема продажба од нејзините романи.
Родена е на 15 септември, 1890 година, а починала на 12 јануари, 1976 година кога имала 86 години.
Интересно е што оваа надарена писателка немала формално образование. Ја школувале во домашни услови и голем дел од слободното време го поминувала со своите миленичиња, слугите и замислените пријатели. Слободно може да ја наречеме самоука писателка.
Во нејзините криминалистички романи исполнети со мистерија генерално се провлекуваат 2 омилени ликови: детективот Херкул Поаро и госпоѓицата Џејн Марпл по кои ќе остане запаметена.
Доколку сè уште не сте прочитале ниту една книга од Агата Кристи, време е да ја поправите сопствената грешка:
Сервисот за чај Арлекин
8 брилијантни приказни кои долго време не биле објавени. Во истоимената приказна како насловот на збирката господинот Харли Квин, вториот прочуен детектив на Агата Кристи, му помага на еден човек да ги спаси своите пријатели од алчните раце на убиецот.
Во Мистеријата на шпанскиот ковчег Херкул Поаро ги открива психолошките загатки што го мотивираат убиецот. Ќе се почувствувате како вистински детектив додека ги читате овие неверојатни 8 приказни собрани на едно место.
Азбучните убиства
Пред секое убиство, убиецот му праќа писма на детективот Поаро кажувајќи му ги деталите за следното убиство. Но, тој и полицијата за жал пристигнуваат предоцна.
Покрај жртвата убиецот остава и Еј-Би-Си водич до телото и ова е единствената работа што ги поврзува убиствата… сè додека Поаро не открие дека убиствата се извршени по азбучен ред.
Големата четворка
Терористичката група позната како „Големата четворка“, која ја сочинуваат Кинез, Французинка, Американец и Англичанец, заговара уривање на светскиот поредок и наметнување на нов режим на владеење во светот.
Преку низа подмолни убиства со мистериозен отров, навидум неповрзани едно со друго, тие оперираат во сенка, притаени во подземна скривница во срцето на планината.
Пајаковата мрежа
Ова е една од ретките книги каде што главниот лик ја нема помошта од Поаро или Марпл. Клариса е штотуку венчана млада жена која ужива во новиот живот на село.
Хенри, нејзиниот сопруг работи во Министерството за надворешни работи, а Пипа е неговата ќерка од првиот брак.
Клариса има чудна смисла за хумор и игра, а за неа најдобриот начин да се исполни времето е да размислува што би се случило доколку би нашла мртво тело во библиотеката? Но, играта наскоро станува реалност, а таа е принудена да ја докаже својата невиност.
Убиство во Ориент Експрес
Ова е можеби најпознатиот роман на Агата, синоним кој неминовно се поврзува со нејзиното име и дело.
Нејзиниот омилен детектив е патник во луксузниот воз Ориент Експрес. Но, во возот со малку патници се случува мистериозно убиство.
Додека возот е заглавен во снегот, јасно е дека убиецот се крие помеѓу малкуте патници. Поаро е во трка со времето во обидот да го пронајде вистинскиот убиец помеѓу патниците.