Доколку навистина ги цените книгите, не смеете да ги пропуштите делата на Маргарет Атвуд
Маргарет Атвуд (1939) е канадска поетеса, романсиерка, книжевна критичарка, есеистка и активистка за заштита на животната средина. Магистрирала на Харвард во САД, а предавала на повеќе универзитети како почесен професор, на Оксфорд, Кембриџ, матичниот Харвард, Сорбона и многу други.
Атвуд е една од најпреведуваните автори во светски рамки. Во 2000 година ја добила Букеровата награда за романот „Слепиот убиец“.
Оваа неверојатна жена се има закитено со над 40 признанија од областа на книжевните признанија. Атвуд е воедно и добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2016 година.
Ова се нејзините најпопуларни книги кои никако не смеете да ги пропуштите, доколку се сметате за вистински и страсни љубители на пишаниот збор:
Слепиот убиец
Поставена во панорамска заднина на историјата на XX век, Слепиот убиец е епска приказна за спомените, интригата и предавството. Поминати се повеќе од 50 години, откако Ајрис Чејс ќе започне да се присетува на мистериозната смрт на сестра си, Лора.
„Десет дена откако заврши војната, сестра ми Лора се преврти со колата од еден мост“… и мистеријата е започната.
Приказната на робинката
Досега неколку пати сме ја предложиле оваа книга за читање, која повторно ја стекна подзаборавената популарност откако истата се екранизираше во ТВ серија.
Во овој дистописки роман каде што владее тоталитарна христијанска теократија, група водачи го предводат новиот општествен поредок кој има една цел: послушност и размножување.
Во свет каде што владее неплодност, под закрилата на светата библија, водачите ги имаат своите жени и робинките, кои треба само да им родат деца.
Алиас Грејс
Уште една одлична книга според која, исто така, е снимена ТВ серија. Во 1843 година Грејс Маркс е осудена на доживотна казна, бидејќи е обвинета за убиството на нејзиниот работодавач и неговата сопруга.
Но, Грејс тврди дека целосно го има изгубено сеќавањето. Со ангажирањето на специјалист за ментални болести, сите сакаат да дојдат до вистината – дали Грејс навистина го извршила злосторството?
(О)Милена | Црнобело