Три книжевни препораки од писателката Вера Калин
Авторката на македонскиот бестселер „Бездомникот со златен часовник“, Вера Калин, покрај тоа што е посветена на пишување на нова книга и се подготвува за студии во Јужна Кореја, истовремено одвојува време и за читање. Во продолжение следува листа на нејзините последни прочитани книги.
„Бели заби од Зејди Смит, која наједноставно речено е приказна за две семејства во Лондон, која се протега низ многу години, многу вешто изградени ликови и многу убаво испишани страници. Секако, тешко е да се објасни комплексен наратив во две реченици – па можеби би било подобро да ви оставам вам да откриете што точно се случува во книгата и што таа пренесува“, споделува Вера Калин.
„Таинствениот пламен на кралицата Лоана од Умберто Еко е приказна за Јамбо, којшто се буди од клиничка смрт не сеќавајќи се на ништо од својот свет (себе, своето семејство), освен на книгите коишто ги прочитал и на нивните ликови. Јамбо тргнува во потрага по сопствениот идентитет...“, објаснува авторката на „Бездомникот...“
„Срце на темнината од Џозеф Конрад ја читам во моментов. Колку што успеав да заклучам, тоа е приказна за морнарот Марлоу, кој раскажувајќи ги своите авантури по реката Конго, ги разобличува и истражува проблемите коишто се поврзуваат со империјализмот“, додава Калин.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело