Српската серија „Беса“ прогласена за филмско ремек-дело – кои македонски актери ги гледаме во неа?
Една од највозбудливите серии направена по високи продукциски стандарди, која собра познати светски и домашни професионални сценаристи, продуценти и актери е неверојатната „Беса“.
Станува збор за криминалистичка ТВ серија, создадена од Тони Џордан, базирана на оригиналната идеја на Срѓан Шапер.
Концептот се заснова на држење на својот збор во облик на лојалност или како гаранција за верност. Всушност, „беса“ е давање збор којшто се смета за светост во традиционалната култура на Албанците.
Албанецот кој еднаш дал „беса“ во никој случај не смее да го прекрши своето ветување и на кој било начин да се спротивстави на веќе кажаното.
Приказната следи еден навидум обичен човек (Урош Периќ), чиј живот ќе се промени по сообраќајна несреќа.
Во истата сообраќајна несреќа, не по негова вина, страда младата девојка Бесијана – ќерка на најголемиот балкански наркобос, Дардан Бериша.
Од епизода во епизода ги следиме главните ликови кои на различни начини се борат со сопствениот избор и кои покажуваат како краток момент во кој нивните патишта се вкрстуваат - засекогаш го менува текот на животот на секој од нив.
Првата сезона која направи тотален „бум“ и начисто ја распамети публиката започна да се емитува на 16 декември 2018 година.
Во неа се појавуваат околу 200 актери од цела поранешна Југославија, како и странски актери од Албанија, Велика Британија и Франција, и се снимала околу 120 дена, на атрактивни локации низ Балканот.
Три години подоцна, напнатата криминалистичка приказна продолжува. Пред само неколку недели, на 27 ноември на каналот Суперстар ТВ, почна да се емитува долгоочекуваната втора сезона на серијата „Беса“.
Актерската екипа од првата сезона вклучува врвни професионални имиња и тоа: Радивоје Буквиќ, Арбен Бајрактарај, Милош Тимотијевиќ, Милан Мариќ и многу други.
Со особена гордост можеме да се пофалиме со двајца извонредни актери од нашето македонско поднебје.
Маестралната Камка Тоциновски во улогата на Aна – моќна жена која раководи со многу „валкани“ бизниси и Адриан Азири – во улогата на Енвер – кој впрочем е десна рака на големиот Дардан Бериша.
Нашите бисери Камка и Адриан продолжуваме да ги гледаме и во втората сезона, a како дополнително изненадување за публиката – во актерските води на „Беса“ запливува и познатиот, српски пејач Релја Поповиќ.
Серијата „Беса“ има добиено многу признанија, вклучувајќи ги и наградите Златна антена за најдобра ТВ серија, наградата Златна антена за најдобра фотографија и наградата Златна антена за најдобра музика.
Многубројни критичари ширум Eвропа ја прогласиле за вистинско ремек-дело, и ја доближуваат рамо до рамо со вонсериските Peaky Blinders и Breaking Bed.
За оние коишто сакаат заплети и пресврти кои постојано изненадуваат, серијата „Беса“ е наша топла препорака.
Исто така, серијата можете да ја погледнете на првата македонска стриминг платформа – Gley.
Дали можеби ја погледнавте?!
Мила М. | Црнобело