Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски е македонски кандидат за Оскар 2021
Милчо Манчевски е на патот кон уште еден оскаровски успех, овојпат неговиот филм „Врба“ е македонски кандидат за Оскар, а дали ќе биде номиниран ќе дознаеме на 15-ти март.
Минатата година, филмот „Медена земја“, под режисерската палка на Љубо Стефановски и Тамара Котевска, беше првиот филм номиниран во две оскаровски категории – најдобар странски филм и најдобар документарен филм.
Екипата на Медена земја, заедно со Атиџе се појавија на црвениот тепих во Долби театарот и ја направија Македонија горда со своето достигнување, иако не освоија Оскар.
Овојпат, од Друштвото на филмските работници на Македонија соопштија дека за 2021-ва, филмот „Врба“ на Милчо Манчевски е македонскиот кандидат за Оскар.
Од ДФРМ велат дека во конкуренција за кандидатурата биле и филмовите: „Ефектот на среќата“ на Борјан Зафировски, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи, „Кеиф“ на Блаже Дулев и „Незо“ на Мерита Чочоли, а одлучувала Комисија во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на Комисијата, Дејан Лилиќ – актер, Тамара Котевска – режисер, Самир Љума – кинематографер, Мартин Иванов – монтажер, Иван Ѓоршев – мајстор на светло и Сања Арсовска – актерка.
„За една година од светската премиера на Римскиот филмски фестивал, ‘Врба’ освои вкупно 5 награди, постигна рекорди во кино и тв прикажувањето дома, доби одлични критики во светските медиуми, над 20 фестивали на четири континенти, а филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо што времено беше запрено заради Ковид-19 пандемијата“, велат од продукцијата.
„Врба“ досега има освоено вкупно 5 меѓународни награди (Сребрена палма во Валенсија, Шпанија и наградата за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД), а Манчевски неодамна беше награден за Најдобар режисер на Рејнденс во Лондон.
Неговиот филм „Пред дождот“ во 1995 ѝ ја донесе на Македонија првата номинација за Оскар за најдобар странски филм, а македонски кандидати биле и неговите филмови „Сенки“ и „Мајки“.
Заради пандемијата, Оскарите во 2021-ва наместо во февруари, ќе се одржат на 25-ти април, а дали филмот „Врба“ ќе биде на листата номинирани, ќе дознаеме на 15-ти март 2021-ва, кога ќе бидат објавени номинациите за Оскар.
Се надеваме дека повторно ќе имаме шанса со возбуда да ги следиме Оскарите во 2021-ва.
Погледнете го трејлерот за Врба:
М. М. | Црнобело / фото: Фејсбук страна на Врба