„Медена земја не доби Оскар, но свесни сме за големината на филмот и значајноста на неговата порака“
- Детали
- понеделник, 10 февруари 2020
На синоќешното доделување на Оскарите, Македонија се натпреваруваше не во една, туку во две категории – најдобар документарец и најдобар странски филм.
Оскарот за најдобар документарец заврши кај „American Factory“, а за најдобар странски филм кај „Parasite“. Но, ова не го оспорува успехот на „Медена земја“.
Номинацијата е доволен успех за нас и се гордееме со тоа што светот го препозна квалитетот на приказната за Атиџе.
Фото: cardula
„Медена земја“ е вториот македонски филм што успеал да влезе во трката за Оскар, после ремек-делото на Манчевски, „Пред дождот“.
Можеби и овојпат не го освоивме Оскарот, но филмот дефинитивно му се допадна на целиот свет. Всушност, откако светот дозна за приказната на Атиџе, не слушнавме ниту една лоша критика за филмот.
Секоја чест за целиот тим на Медена земја, кој успеа на најдобар можен начин да ја прикаже приказната за Атиџе која го маѓепса целиот свет - вие сте нашите победници!
На официјалните профили на социјалните мрежи на „Медена земја“ стои следнава објава за филмот:
„Големо благодарам до сите кои нè поддржуваа и кои верува во нас цело ова време.
Иако Медена земја не доби Оскар, свесни сме за големината на филмот, значајноста на пораката што ја носи, моќта на бескрајните приказни во оваа држава и за многуте наши талентирани артисти; кои знаат како да ги пренесат овие приказни до публиката.
Почестени сме да бидеме номинирани покрај толку големи режисери со храбри приказни, кои им зборуваат на луѓето од целиот свет на универзалниот јазик на кинематографијата. Не предвидувавме дека нашиот филм ќе остане во историјата. Историјата на Македонија и историјата на Оскарите.
Медена земја, со номинацијата и за најдобар документарец и најдобар интернационален филм, испраќа јасна порака – доброто раскажување на приказните е добро раскажување на приказните.
Кога имавме премиера на Sundance пред околу една година, не ни знаевме дека ќе стигнеме волку далеку и им се заблагодаруваме на сите кои веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа „по пат“.
За крај, сакаме да ѝ се заблагодариме на нашата главна ѕвезда, Атиџе Муртова, која нѐ однесе во нејзиниот убав свет. Филозофијата на Атиџе – земи пола, остави пола - е едноставна, но значајна. Тоа е порака што ја сфаќа секоја публика.
Атиџе: Мојот живот после филмот драстично се промени. Имам нова куќа и сè станува подобро и подобро. Сакам публиката да научи само една порака од филмот: Како јас што делам со пчелите, така сакам луѓето да делат едни со други“, стои во објавата.
https://www.instagram.com/p/B8Xw2WQHuRY/
Спирова С. | Црнобело