Parasite е првиот интернационален филм победник на Оскар - кои други добија статуетка?
Синоќа се одржа 92-рото издание на Оскарите, а „Parasite“ стана првиот интернационален филм што си заработи статуетка за најдобар филм.
„Parasite“ е првиот филм од Јужна Кореја кој не само што беше номиниран, туку и го освои Оскарот за најдобар филм, и со тоа стана првиот интернационален филм кој ја добива оваа престижна награда.
Оскарот за најдобар актер заслужено го доби Хоакин Феникс, за изведбата во „Joker“.
45-годишниот Хоакин се натпреваруваше со силна конкуренција, и ги победи Антонио Бандерас, Леонардо ди Каприо, Адам Драјвер и Џонатан Прајс.
Оскарот за најдобра актерка, пак, ѝ припадна на Рене Зелвегер, за улогата во „Judy“. За 50-годишната Рене ова е втор Оскар во кариерата, после победата во 2004-та.
Лора Дерн и Бред Пит ја освоија статуетката за најдобри споредни актери.
56-годишниот Бред Пит ја доби наградата „најдобар спореден актер“ за улогата во „Once Upon A Time in Hollywood“, а ова е првиот Оскар што го добил за глума. Претходно, во 2014-та, Бред доби Оскар за најдобар продуцент за „12 Years a Slave“.
Бред ги победи Том Хенкс, Ентони Хопкинс, Ал Пачино и Џо Пеши.
Лора Дерн пред неколку недели си заработи Златен глобус за најдобра споредна актерка, а успехот го повтори и на Оскарите.
„Parasite“ победи во дури 4 категории, вклучувајќи најдобар филм, најдобар режисер, најдобро оригинално сценарио и најдобар интернационален филм. Во последната категорија, „Parasite“, му го „украде“ Оскарот на „Медена земја“.
„Медена земја“ се натпреваруваше во 2 категории, но, иако не освои ниту еден Оскар, тие се наши победници со кои се гордееме!
Како што напоменавме, во категоријата најдобар интернационален филм, „Медена земја“ го изгуби Оскарот од „Parasite“.
Во категоријата најдобар документарен филм, пак, наместо на „Медена земја“, Оскарот му припадна на „American Factory“.
Оскарот за најдобар анимиран филм му припадна на „Тoy Story 4“ – речиси деценија откако „Toy Story 3“ ја доби истата награда. Интересно е што ова е 10-тиот филм на Pixar што има победено во категоријата, од нејзиното креирање во 2001-ва.
Оскарот за најдобро адаптирано сценарио му припадна на „Jojo Rabbit“.
Ремек-делото на Скорсезе, „The Irishman“, не освои ништо, и покрај добрите критики и одличната актерска екипа што ја сочинуваа Роберт де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши.
Останати вести поврзани со Оскари 2020:
Дамите гламурозни, но пристојни, Бред Пит „освојува“ со изгледот – Црвениот тепих на Оскари 2020 (фото)
Кијану Ривс со најдобрата партнерка на Оскарите - светот е воодушевен од изборот
Реакциите на настапот на Еминем - Најчудните и малку непријатни моменти на Оскари 2020
Оскарот не заврши во рацете на „медените“ - нѐ победија American Factory и Parasite
Тимот на Медена земја на црвениот тепих на Оскари 2020 (фото+видео)
Спирова С. | Црнобело