Маја и Александар имаат традиционален македонски ресторан во Чикаго: „Гостите обожаваат ќебапи и гравче, во зима омилени се пастрмајлиите“
Кои се специјалитетите што најчесто се бараат во вашиот ресторан?
Наш водечки производ е македонскиот хамбургер, го служиме со компирите внатре прелиени во кечап и мајонез. Точно како што јадевме во детството, како што се јаде и денес низ сите сендвичарници во Македонија.
Потоа ќебапите се специјалитет на секојдневието. Се произведуваат секојдневно, така свежи и нутритивни се најчесто во изборот на нашите гости.
Секако и тостот и домашно направениот колбас послужен како порција, сендвич или додаток во посното гравче е во секојдневните избори.
Телешката чорба за некои како предјадење за некои како лек за настинка или топол оброк придружен со пријателски разговор е греење на душата во ладните зимски денови.
Може да се каже дека и нашите гости се усогласуваат со сезоните, така што во зимскиот период значително повеќе се бараат и пастрмајлиите. Ние се трудиме со љубов да одговориме на сè што можеме.
Многу од нашите муштерии бараа и гиро, па така кон крајот на 2022-та година го додадовме нашиот нов производ Babba gyro.
Иако не е традиционален, сепак според географската позиција за сите нас е добро познат и неодолив вкус. Доста добро е прифатен од страна на нашите потрошувачи, дојде како вистинско освежување во нашето секојдневно мени.
Како доста баран е и „Babba Mayo“ кој е желба на нашите потрошувачи, а комбинација на тајните состојки на chef Alex.
Го патентиравме како наш производ, можам да кажам дека е јаготка на шлагот, дава една совршена нота како на хамбургерот и целата категорија на сендвичи.
Постојат ли специјалитети што гостите ги бараат, а не сте во можност да ги послужите. Зошто?
Луѓето најчесто бараат да вметнеме и готвени традиционални јадења во понудата за ручек-време.
Се обидовме да вметнеме како категорија – специјалитет на денот па на неделата, сакавме да одговориме на сите потреби ама како течеше времето, сфативме дека така го губиме фокусот.
Сфативме дека мора да се држиме до првичниот концепт и до водечките артикли.
Речиси целото производство го правиме во нашата кујна. Не ги правиме како неделна или дневна понуда македонските јадења, но сепак некако ги усогласуваме специјалните јадења според сезоните, постите и празниците.
Доста луѓе сакаат да купат и свежи или непечени наши производи, ние засега не смееме да продаваме живо месо.
Дали најчесто имате гости што потекнуваат од Балканот и од Македонија?
Нашите гости во најголем број се Македонци, Албанци, Срби но има и Хрвати, Босанци, Бугари и Романци како наши секојдневни гости.
Има и голем дел на Полјаци, Руси, Украинци и Литванци кои многу позитивно реагираат на нашата кујна.
Секојдневно сè повеќе расте бројот на Американци, Азијати и од речиси сите страни на светот.
Многумина ги привлекува натписот Macedonian street food, за да пробаат каква храна е тоа, потоа пребаруваат на Google каде точно, Македонија е позиционирана на картата на светот.
За нас секој гостин е како посебен дијамант. Некои од нашите гости ги гледаме секојдневно и ги чувствуваме како дел од нас и нашата приказна.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело