Ксенија Николова со емотивна исповед: „Бев бремена и за неколку дена се загуби тоа што се нарекуваше бременост“
- Детали
- четврток, 23 февруари 2023
„Пред 10-тина дена имав биохемиска бременост... Многумина ќе речат: ‘Тоа не ни било бременост’, но за мене тоа беше многу значајно. Се надевавме дека ХЦГ ќе порасне, но за жал за неколку дена се спушти многу ниско и тоа значи дека се изгубила бременоста“ - писателката Ксенија Николова емотивно се отвори на Инстаграм и сподели дека имала биохемиска бременост, a испрати и силна порака до сите жени кои водат слични битки.
Македонската писателка и инфлуенсерка Ксенија Николова во последниот период повеќепати јавно зборуваше за нејзината борба со неплодноста преку видеата што ги објавува на својот Инстаграм профил.
Таа во август отворено зборуваше за трите неуспешни обиди за вонтелесно оплодување, а сега објави видео во кое кажа дека се соочила со биохемиска бременост.
„Пред 10-тина дена имав биохемиска бременост – значи бев бремена и за неколку дена се загуби тоа што се нарекуваше бременост. Многумина ќе речат: ‘Тоа не ни било бременост’, но за мене тоа беше многу значајно, особено откако го добив резултатот со повисоко ниво на ХЦГ.
Повисоко и доволно за бременост, но не доволно за стадиумот во којшто се наоѓав. Се надевавме дека ќе порасне, но за жал за неколку дена се спушти многу ниско и тоа значи дека се изгубила бременоста и била биохемиска бременост, којашто трае премногу кратко“ – раскажува таа.
Водена од сопственото искуство Ксенија честопати зборува за голем број од темите поврзани со самата борба за потомство, обидувајќи се да упати една силна порака до сите жени што минуваат низ проблеми и да им покаже дека не се сами во битката.
„После вакво нешто никој нема да ти се јави и да ти каже дека треба да станеш од креветот и да продолжиш да се бориш затоа што животот продолжува.
После вакво нешто нема докторот да ти се јави со стратегија како да го постигнете тоа што го посакуваш.
После вакво нешто нема некој да дојде и да ти даде надеж и сила и место тебе да го изоди патот којшто мораш да го изодиш.
Вистината е дека после вакво нешто единствено можеш на себеси само да се потпреш и во себе да најдеш сила и мотивација да продолжиш понатаму“ – вели таа.
„Во изминатите 10-тина дена сфатив дека ние жените сме најсилните суштетства на планетата Земја и верувајте дека е така. Не сме ниту свесни колку сме силни и колку моќ и способност има во нас за да надминеме најтешки ситуации“ – им порача таа на своите следбенички.
View this post on Instagram
Инаку, биохемиската бременост не се смета за лажна бременост, туку претставува многу ран спонтан абортус, кој се случува во првите денови по зачнувањето.
Ембрионот произведува доволно големи количества на хормонот ХЦГ за да се детектира на тестот за бременост, но не се развива во клиничка бременост.
Ксенија претходно отворено зборуваше за долгата битка за потомство што ја води во последните неколку години, како и за физичкиот и психичкиот товар што го носат жените, но и двојките што го одат тој трнлив пат.
Б. С. Б. | Црнобело