Ксенија Николова: „Еден месец ќе живеам во француско селце како од сказна, на 1 час со воз од Париз“
- Детали
- петок, 06 септември 2024
„Сместена сум во типично француско мало апартманче, сѐ е во францускиот дух, локалците се љубезни и се чувствувам добродојдено“, споделува за CRNOBELO.com Ксенија Николова, која моментално ја живее својата бајка.
Писателката Ксенија Николова еден месец ќе престојува во малото француско селце Marnay-sur Seine, каде ќе црпи инспирација за нејзината нова книга.
За ова бајковито место, таа ги сподели впечатоците за CRNOBELO.com:
„Веќе некое време сонував за тоа да добијам можност да бидам дел од литературна резиденција, а тоа значи да отпатувам некаде на некој период и да го искористам времето за откривање, инспирирање и секако пишување.
Тоа е убава можност, но и важно скалило за еден уметник бидејќи запознаваш многу луѓе и добиваш нови можности.
Желбата ми се исполни, ме примија и на први септември дојдов во Marnay-sur Seine каде што ќе поминам еден месец. Ова преубаво селце е на околу еден час од Париз со воз и е буквално како од сказна.
Особено сум среќна и горда што мојата резиденција во Les ateliers de création et d’expression artistique во Marnay-sur-Seine (работилницa за создавање и уметничко изразување) е поддржана од УНЕСКО, преку проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, проект финансиран од Европската Унија.
Marnay-sur-Seine е познато по уметничките резиденции, преубавата Сена, природата што те остава без здив и мирот и тишината.
Сместена сум во типично мало апартманче, сѐ е во францускиот дух, локалците се љубезни и се чувствувам добродојдено.
Деновите ми поминуваат во истражување, пишување, прошетки и разговори со останатите уметници, сакам да впијам што е можно повеќе од сето она што ме опкружува.
Ќе ви откријам една тајна, главната локација во мојот нов роман на кој почнав да работам ќе биде токму тука, во Marnay-sur-Seine.
Приказната се плете и навистина сум благодарна што имам можност да го видам сето ова со свои очи, тоа значи многу за пренесувањето на приказната на еден автентичен начин“.
Местенцето од бајка каде престојува Ксенија Николова:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело