Доктор Горан: „Се повредив при спортување, ми стана црно пред очите – една грешна одлука ви го менува животот“
- Детали
- четврток, 16 јуни 2022
„Осетив силна болка и нешто крцна, после тоа не можев да ја движам раката и колабирав (ми стана црно пред очите и легнав на земја, најверојатно поради болка)... Се работи за одлепување на клучната коска од лопатката, поради кинење на лигаментите кои ги држат заедно, стадиум помеѓу 2 и 3.“, раскажува доктор Горан Трајковски за својата повреда.
Доктор Горан Трајковски, кој живее и работи во Германија со сопругата и синот, вчера на својот Инстаграм профил отворено проговори за повредата со која се здобил при спортување.
Тој кажува колку тежок удар е ова за неговото физичко, но и психичко здравје, особено што кон крајот на 2021 година отворено проговори за борбата со депресијата и дел од неговата исповед беше: „Се борам посилно за среќа од обичниот човек“.
Доктор Горан, по правењето снимка на повредата, на својот Инстаграм профил со фотографија од болница напиша:
„Diagnosis: AC joint separation Tossy II - III.
Се работи за одлепување на клучната коска од лопатката, поради кинење на лигаментите кои ги држат заедно, стадиум помеѓу 2 и 3.
Кај стадиум 2 не се препорчува операција, кај стадиум 3 е препорачана. Првиот ортопед кај кој бев денес ми препорача конзервативна терапија (без операција), но ме замоли да земам и второ мислење од специјалист за рамо бидејќи сум спортист и операцијата ветува поголема стабилност на зглобот.
Ваква повреда се јавува најчесто при пад од велосипед на рамо, при контакт-спортови како рагби и кај идиоти како мене (паднав при спринт обидувајќи се да направам колут напред директно на рамо).
Осетив силна болка и нешто крцна, после тоа не можев да ја движам раката и колабирав (ми стана црно пред очите и легнав на земја, најверојатно поради болка).
Препораката е сега за сега мирување, имобилизирање, барање второ мислење за операција и потоа физикална терапија. Закрепнувањето трае зависно од пациентот неколку месеци, но за посериозно оптеретување на рамото (боди билдинг) ќе треба подолг период. Ова е моја прва посериозна повреда, активно се бавам со спорт веќе 13 години.
Тежок удар за мене бидејќи ми ја одзема можноста за спорт, кој пак игра голема улога во моето психичко и физичко здравје. Левата рака секако е важна и во мојата професија (ехо и слично).
Се надевам на најдобро, ако некој има искуство со слична повреда слободно нека каже како прошол текот. Благодарен сум што не е полошо, сфатив дека доволна е само една секунда и една грешна одлука за да се смени животот. Позитивна страна е што е левата рака и што сега сум на „одмор“. Поздрав дечки, фала ви на грижата и добро здравје на сите!“
Прочитајте и Доктор Горан, искрено за борбата со депресијата: „Се борам посилно за среќа од обичниот човек“
С. С. | Црнобело