Нова ера на македонската културна сцена со реконструкцијата на Универзална сала
- Детали
- четврток, 14 октомври 2021
Скопје, 14.10.2021 година - Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денес изврши увид во градежните работи на реконструкцијата на објектот на Универзална сала каде што одржа прес-конференција за медиумите.
- Универзална сала e омилената културна институција на многу скопјани, исполнета со многу концерти, со многу емоции, со многу љубов, многу радост. За многу деца, тоа е местото на првиот концерт или културен настан, местото каде што на „Златно славејче“ се роди „Градот убав“ песната која низ годините стана неофицијална химна на нашето сакано Скопје. За мене тоа е главниот мотив за повторно отворање на нејзините врати за посетителите, за нашите скопјани, но и не само за нив туку и за целата земја, за регионот, за Европа и светот, со овие зборови градоначалникот Шилегов ја започна денешната прес-конференција.
- Реконструкцијата на објектот на Универзална е во тек и веќе од следната година ќе се исправи пред нас во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје. Проектот за реконструкцијата на Универзална сала е изработен од архитектот Бујар Муча, а идејата Универзална да ја сочуваме во постојната форма, на постојната локација, после отворената и опсежна дебата доби широка поддршка од јавноста, порача Шилегов.
- Град Скопје игра сериозна улога во развојот на културата во нашиот град. Со конкретните чекори кои ги преземаме стануваме светол пример во регионот и пошироко. Универзална повторно ќе биде дом на скопската радост, а нашата поинаква приказна во културата останува и понатаму инспирација за создавање на нова уметност на задоволство на сите генерации, заклучи градоначалникот Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.